„Земјотресот нè потсети дека животот може да се промени за миг. Но и дека во најтешките моменти, токму солидарноста, човечноста и заедништвото се темелот врз кој можеме повторно да го изградиме градот. Скопје е денес симбол на истрајноста и солидарноста!“, истакна Мицкоски во објава на Фејсбук.
Премиерот потсети дека минале 62 години од земјотресот во кој Скопје го доживеа најтешкиот момент во својата историја.
„Земјотресот што го разурна градот однесе над 1.000 животи, илјадници беа повредени, а стотици илјади останаа без покрив над глава. Денес по 62 години, се сеќаваме не само на болката, туку и на светлината што ја донесоа луѓето од светот“, истакна тој.
Потсети и дека над 80 држави испратиле помош, медицински тимови, храна, шатори и поддршка.
„Обединетите нации го прогласија Скопје за град на светска солидарност, а токму таа подадена рака од целиот свет помогна градот повторно да се изгради“, истакна Мицкоски.






