„Посетата ја започнавме со средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати. Следните денови се сретнавме со стопанските комори од емиратот Шарџа и Дубаи, а потоа имавме исклучително квалитетни состаноци со врвните компании овде, во Обединетите Арапски Емирати, како што се Мубадала, ADQ, Масдар, Игл Хилс итн. Сето она што разговаравме е навистина нешто што ќе претставува еден голем чекор напред за македонската економија. Разговаравме за проекти од областа на транспортот, пред сè коридорите 8 и коридорот 10 и отсечката на коридорот 10, 10-д“, истакнува Мицкоски во видеоизјавата по постата на ОАЕ.
Посочува дека било разговарано и за проекти поврзани со туризмот, градежништвото, земјоделството, енергетиката.
„Се разбира тука е нашиот македонски, балкански, би рекол – светски бисер Охрид. Потоа, Попова Шапка, како исклучително силна инвестиција, којашто треба во годините што следуваат да донесе големи економски бенефити за македонските граѓани. Место каде што е потребна голема инвестиција, поради својата местоположба и поради сите оние географски убавини што самиот тој ски-центар ги нуди. Се разбира и за тоа разговаравме со нашите пријатели од Обединетите Арапски Емирати.
Потоа, во делот на градежништвото, неколку локации каде што навистина може да се направат лендмарк-објекти. коишто ќе бидат препознатливи, не само за Скопје, Македонија или за другите градови во нашата држава, туку и за регионот, па би рекол зошто да не амбицираме да прераснат такви лендмарк-објекти за цела Европа“, вели Мицкоски.
Во делот за енергетиката, како главен приоритет се проектите, односно хидроцентралите на Река Црна, а тоа се Чебрен и Галиште. Потенцијалот во енергетиката, посочува премиерот, не се ограничи само на инвестирање во хидроцентралите Чебрен и Галиште, туку и на нови соларни панели, нови ветерни турбини, ветерни паркови…
„Навистина, кога би требало да ја оценам оваа наша посета, би ја оценил со највисока оценка, и економски и политички, бидејќи после долго време, не знам од кои причини, стопирање и пауза во односите коишто ги имаме со Обединетите Арапски Емирати, повторно воспоставуваме една ваква блиска, непосредна соработка. Се разбира би го издвоил и Меморандумот за подлабока економска соработка, којшто го потпиша министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, со неговиот хомолог, а добрите вести како резултат на овој меморандум, ќе ги соопштам во деновите што следат, кога ќе се вратиме назад во Македонија. Ве поздравувам од Абу Даби и се гледаме во нашиот балкански, европски, светски бисер Охрид за Велигден, да го чествуваме Христовото воскресение“, вели премиерот Христијан Мицкоски во изјавата по посетата на ОАЕ.