„Победивме во Скопје. Победивме во Карпош, во Аеродром, во Чучер Сандево… Беше тешка борба, со многу предизвици. Во Брвеница противкандидатот се обиде да профитира на национална основа, на етничките поделби, но не успеа. Победивме и во Брвенивциа. И во Валандово, Дојран, Крушево и во Кочани… Нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме. Победивме и во Лозово, Могила, Македонски Брод, Ранковце, Неготино, Росоман, Чешиново, Дебарца, Демир Капија, Пробиштип…“, изјави Мицкоски.
За победата во Кичево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека од овој град е испратена силна порака.
„Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста. Покажавме што можеме кога се обединивме, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби… христијани и муслимани се обединивме околу вредностите потребни за граѓаните. Ова е голем и важен пример што можеме да постигнеме кога сме обединети. Кичево во периодот што следи мора да биде и во владиниот фокус. Падна митот дека Кичево е нивно или наше. Кичево е на кичевчани. Ова е победа за почит и резултат на заедничка работа. Победа за Македонија што созрева. Верата во подобро утре е посилна од секој страв“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на победата во Општина Карпош.
„Времето на манипулациите и на личните интереси заврши и во скопски Карпош. Овој резултат е и порака до СДСМ. Ова одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор. Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија за новата енергија што ја движи државата напред, за ред и одговорност“, рече Мицкоски.
За него овие избори се и порака до нив, до партијата, да не се забегува во победата и да се оправда довербата.
„Да ја претвориме надежта во конкретни резултати. Политиката може да има достоинствено лице. Време е за обединување, за работа, за Македонија која верува во себе. Оваа победа е и ваша. Сите кои гласаа различно ги повикуваме заедно да продолжиме. Ова е обврска и кон сите вас кои чекате да видите голема промена. Македонија е дом за сите. Политиката може да служи, а не да дели“, рече Мицкоски и најави дека вечерва победатат ќе ја прослави во Брвеница и во Кичево, а рано наутро најави дека ќе патува за Брисел.
„Да работиме за подобра Македонија. Да живее Македонија“, го заврши своето излагање Мицкоски.






