Тој денеска изјави дека ова прашање е отворено уште од септември со Европската комисија и дека задолжен да разговара е министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, исто како што со ЕК досега се разговарало и за други проекти што се во интерес на граѓаните.
„Барем од она што е последна најава, очекувам ова да се реши. Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија (Урсула фон дер Лајен), таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при работната посета на општина Гази Баба.






