„Во рамките на посетата на Самитот за Западен Балкан, остварив средба со британскиот премиер, Кир Стармер. На средбата разговаравме за продлабочување на билатералната соработка и поддршката на Обединетото Кралство на земјите од регионот. Главата цел е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои се одржуваат во текот на денот. Берлинскиот процес го организира лично премиерот Стармер и сериозно сме посветени на реализација на Договорот Влада со Влада“, објави премиерот Мицкоски на својот фејсбук профил.

На маргините на Самитот за Западен Балкан што се одржува во рамките на Берлинскиот процес, Мискоски се сретна и со министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис.
Од Министерството за надворешни работи на Грција објавија фотографии на Герапетритис со премиерите на Македонија и на Косово, Мицкоски и Албин Курти, со генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка Амер Капетановиќ и со генералниот секретар на ОБСЕ, Феридун Синирлиоглу.

Мицкоски денеска оствари средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и со директорката на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Одил Рено-Басо.
„Остварена средба со хрватскиот колега Андреј Пленковиќ на која дискутиравме за европската перспектива и напредокот на реформските процеси. Хрватска е наш голем пријател и силен поддржувач на патот кон ЕУ“, објави на фејсбук премиерот Мицкоски.

За средбата со Рено-Басо, пак, напиша дека зајакнувањето на економските и трговските односи останува еден од приоритетите на работата на Владата.
„На денешната средба со Одил Рено-Басо, директор на ЕБРД разговаравме за економската состојба во државата, како и продлабочување на соработката и развој на нашата земја. Остануваме посветени за развој и раст на Македонија и сите граѓани“, наведе Мицкоски на фејсбук.
Во рамките на престојот во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски претходно имаше средба и со британскиот крал Чарлс III.
„Разговаравме за пријателството помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, за стабилноста, развојот и заштитата на природата, области на кои Кралот со години им посветува големо внимание. Оваа средба е признание и почит, но и поттик да продолжиме по патот на заедничките вредности, довербата и партнерството“, напиша Мицкоски на фејсбук.

Македонија на Самитот во Лондон учествува со владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, а во Лондон се и вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и министерот за евроинтеграција Орхан Муртезани.






