„Денеска присуствувам на самитот на лидерите „Нашиот пат кон ЕУ“, којшто се одржува во Тирана, Албанија. Нашата земја останува решително ориентирана кон европските интеграции и регионалната соработка, како клучни столбови на нашата заедничка визија за просперитетен Западен Балкан“, напиша Мицкоски.
Мицкоски додава дека овој значаен собир претставува одлична прилика за продлабочување на дијалогот и зајакнување на заедничките напори на земјите од Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија.
Предвидено е премиерот Мицкоски да се обрати на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“.
На самитот во Тирана, покрај лидерите на земјите од Западен Балкан, присуствува и еврокомесарката за проширување Марта Кос.






