Мицкоски потенцираше дека дел од проекти во општините што се финансирани преку унгарската кредитна линија веќе се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, дел допрва ќе ја отпочнат, коишто ќе обезбедат подобри услови за живот на граѓаните.
„Станува збор за половина милијарда евра, коишто веќе почнаа да се чувствуваат. Дел од тие проекти се отпочнати и завршени, дел се во тек на реализација, дел допрва ќе ја отпочнат, бидејќи тендерските процедури од вториот повик траат. Така што навистина тоа претставуваше нешто вонредно добро, и бенефит имаат граѓаните коишто директно гледаат дека во нивните општини се работи“, посочи премиерот Мицкоски.

Обвинувањата од опозицијата за состојбата со пожарите, според премиерот Христијан Мицкоски се лаги и невистини и обид да се добијат политички поени. Во изјава за медиумите дадена денеска при посетата на Куманово, Мицкоски рече дека опозицијата се занимава со лаги и конструкции и дека тие лаги ќе продолжат и во иднина.
„Опозицијата тоа го прави бидејќи мисли дека на тој начин со таа стратегија ќе добие политички поени и ќе добие поддршка од граѓаните. Дури и да е точно сето тоа што тие го коментираат, а ништо не е точно, тогаш се поставува вистинското прашање што прават тие за да помогнат во процесот. Тие не прават ништо, тие се занимаваат со некрофилија, конструкции и лаги, но тие ќе продолжат бидејќи немаат програма, визија, идеја. Ние имаме јасна програма, јасна стратегија како треба понатаму да работиме – чесно, одговорно, посветено и како што кажав многу пати досега, ќе победиме на крај“, рече Мицкоски.

Во однос на пожарите информираше дека под целосна контрола се пожарите во Трубарево и Вардариште, а во Дрисла денеска треба да заврши затрупувањето на мал дел што останал.






