„Денеска имавме, би рекол, многу успешни и инспиративни средби, со голем број мултинационални компании, за теми кои што беа опфатени од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
Се разбира, од нашата страна беа претставени можностите за инвестиции во Македонија, во македонската економија, нешто што ќе значи додадена вредност за македонските граѓани.
Но, тоа на кое што би сакал посебно да се задржам е вториот дел од денот, односно панелот за енергетика, каде што бев активен учесник и говорник, заедно со секретарот за енергетика на САД, г. Рајт. Панел, каде учество имаше буквално целото светско водство во енергетскиот бизнис, компании коишто доаѓаат од сите континенти, компании чиишто обрти се движат во рамките на илјадници милијарди. Таму разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во годините што следат, пред сè енергетиката од областа на производство на електрична енергија“, вели во обраќањето премиерот Мицкоски.

Како најважни заклучоци од панелот, Мицкоски истакнува три работи.
„Првата работа е дека во годините што следат, потребата од енергија во светот ќе расте, но два ипол пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија. И тука, ние како Македонија, како држава, не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник. И тука повторно треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти од минатото, како што се Чебрен и Галиште, Бошков Мост и останатите. И да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите кои покажаа несомнен интерес во дискусиите по завршувањето на панелот.
Втора работа којашто исто така е значајна е дека во следните десет години производните капацитети коишто треба да бидат изградени, коишто треба да произведуваат електрична енергија во светот, ќе треба да произведат вкупно 40.000 терават часови електрична енергија. Колкава е таа количина електрична енергија? Тоа е пет и пол илјади пати повеќе отколку што денес Македонија троши електрична енергија и некаде отприлика толку колку што денеска САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно трошат. Зошто е ова потребно? Затоа што во годините кшто следат развојот на човештвото ќе опфаќа развој на вештачка интелигенција, а со тоа и развој на центрите за податоци или т.н. дата центри, кои што работат, не на енергија, туку на електрична енергија“, наведува Мицкоски од Давос.
Тој нагласува дека ние како држава треба да ги осознаеме овие три важни факти, да го следиме тој чекор и во таа насока да ја развиваме нашата економија.
„Од економија којашто се темелеше на развој на автомобилската индустрија, да го диверзифицираме своето портфолио и да бидеме значаен чинител, имајќи ги предвид перформансите и потенцијалот што го нудиме во делот и секторот на енергетика. Јас сум убеден дека тоа како држава можеме да го направиме. Јас сум убеден дека ние како држава ќе успееме во таа намера“, уверен е македонскиот премиер.






