петок, 1 август 2025

Мицкоски очекува поволни царини од САД – за брзата пруга има интерес од големи финансиски институции

Подаваме рака и на домашните, и на странските инвеститори. Не само декларативно, туку суштински низ институционална поддршка, предвидливи правила и директна комуникација. Проблемите ги решаваме заедно. Свесен дека граѓаните сè уште живеат тешко и дека недостигот на пари е присутен, но промените ќе ги дадат конкретните резултати многу побрзо и ние вложуваме напори тоа да биде час поскоро и посилно. Eфектите од ваквиот раст во економијата неминовно ќе се почувствуваат и јас сум сигурен дека се движиме во добра насока. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, по состанокот на Советот за странски инвестиции.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска одржавме исклучително важен состанок со Советот за странски инвестиции- тело составено од претставници на водечки странски компании кои веќе инвестираат во Македонија и кои со години ги следат економските политики во земјава. Во дијалогот разговаравме отворено за предизвиците, но и за потенцијалите што ги нудиме. Јасно е дека имаме промени кои мораме заеднички да ги продолжиме. Затекнавме една тешка слика и реалност која ја менуваме“, истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи дека денес имаме економија која расте, индустрија која произведува, извоз кој се зголемува и инвеститори кои повторно гледаат шанса тука, дома, во Македонија.

„Реалниот раст на бруто-домашниот производ во првиот квартал од 2025 изнесува 3,2 проценти. Тоа не е случајност- тоа е резултат на стабилни политики и вредна работа; во периодот јануари – мај, извозот е зголемен за 3,15 проценти, додека увозот бележи раст од само еден процент. Тоа е знак дека стануваме поконкурентни, дека произведуваме повеќе и пласираме повеќе на странските пазари“, рече Мицкоски.

Истакна дека индустриското производство во мај пораснало за 9,4 проценти во споредба со истиот месец минатата година.

„Сè повеќе фабрики работат, сè повеќе линии се пуштаат, сè повеќе работници се враќаат во производните погони. Трговскиот дефицит е намален за 80-тина милиони долари во првите два месеци од вториот картал. Тука зборуваме за месеците април и мај, што е намалување за 13 проценти, споредено за истиот период од минатата година. И, конечно минатата година имавме странски инвестиции коишто имаат свој рекорд од 1 милијарда и 255 милиони евра“, посочи премиерот.

Според него, некогашната влада не се борела за инвестиции, туку се борела за провизии и не им отворала врата на инвеститорите, туку ги бркала, при што резултатот бил економски застој, изгубени шанси и осиромашени граѓани.

Во тој контекст, најави дека се водат активни разговори за нови инвестиции во автомобилската индустрија, ИТ секторот, логистиката и агро-преработката.

„Исто така, разговараме со САД за можни царински олеснувања и верувам дека ќе бидеме во групата земји кои што ќе бидат наскоро објавени, коишто ќе имаат услови најповолни за да извезуваат на американскиот пазар. Сето ова не доаѓа преку ноќ. Но доаѓа тула по тула, бидејќи се градат темелите на промените. Ние не ветуваме чуда, туку многу работа. Секој ден. За секоја инвестиција, за секое ново работно место, за секој денар повеќе во буџетот, за секој чекор напред на државата“, истакна премиерот Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот изјави дека има интерес за финансирање на проектот за брзата пруга од коридорот 10 од финансиски институции кои досега не биле присутни во овој дел од Европа. Откако ќе биде направена анализата, како што најави, ќе се излезе со детали во јавноста.

„Набрзо од денеска, после анализата ќе излеземе со податокот која е најдобрата понуда. Има понуди и тоа нè прави особено задоволни затоа што големи финансиски светски институции кои досега не биле присутни во овој дел од Европа сега пројавуваат интерес да учествуваат во овој проект, што посебно нè охрабрува“, рече Мицкоски.

Рокот за доставување на понудите е до денеска, а Министерството за финансии имаше испратено барања за понуди до 24 финансиски институции за финансирање изградба на брзата пруга на коридорот 10.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ