недела, 14 декември 2025
24 години од Охридскиот рамковен договор

Мицкоски: Ниту Македонците ниту Албанците не беа среќни со Рамковниот договор, ама тој донесе мир и стабилност

Имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани. Заедно да градиме и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите кои си заминуваат немаат националност, истакна денеска во својот говор на свечената седница на Владата за одбележување на 24 – годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор премиерот Христијан Мицкоски. На одбележувањето во Владата се обрати и вицепремиерот Изет Меџити кој кажа дека со Охридскиот рамковен договор, не одбележуваме само крај на еден конфликт, туку визија врз која се гради современата држава за сите граѓани

Објавено на

часот

Сподели

„Како политичар не познавам мал или голем свет, ваков или таков, туку само еден свет – Македонија, дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани. Заедно да градима и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите кои си заминуваат немаат националност. Луѓето си одат, и селата се празнат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите. Тоа се најдобра порака на народот спрема оние кои повеќе од 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат“, рече Мицкоски во говорот.

Натпреварот, посочи тој, не е кој колку може да биде радикален или да се удира во гради со простодушен национализам, туку денеска битката е да се решат реалните проблеми, да се обезбедат подобри услови за живот, за работа, просперитет за секој Македонец, Албанец, Турчин, Влав и останатите други сограѓани.

Денес, 24 години по потпишувањето на Рамковниот договор, рече Мицкоски, стоиме овде не само да се потсетиме на еден историски датум, туку да се потсетиме на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно.

Мицкоски посочи дека летото 2001 беше едно од најтешките во нашата понова историја, дека нашата татковина беше разнишана од конфликт, од страв, од неизвесност. Имаше мигови, додаде тој, кога изгледаше дека ништо нема да остане исто, дека патот кон пропаст е неизбежен. Но, тогаш, додаде премиерот, со храброст, со трпение и со визија, избравме пат на мир, на дијалог, на компромис, на заедништво.

„За овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици. Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но, да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија. Рамковниот договор не е само лист хартија. Тој е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост. Тој е потсетник дека, колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност – сите ние делиме една историја и една заедничка иднина. Тој е доказ дека Македонија може да биде дом за сите свои граѓани, и дека различностите се наша предност“, истакна Мицкоски.

Денес, исто како и тогаш, посочи тој, сме пред избори – не избори на хартија, туку избори во срцето и умот.

„Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас? Ќе се препуштиме ли на поделби и недоверба? Или ќе го избереме патот кој тогаш го избравме – патот на заедништво, на почитување, на љубов кон татковината и меѓусебно разбирање“, праша Мицкоски.

Рамковниот договор, како што кажа, е и долго злоупотребуван договор од поединци.

„Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе“, рече премиерот.

И на оваа маса, посочи Мицкоски, седат луѓе и партнери кои ја гледаат политиката низ призма на тоа што можеме повеќе да направиме за народот.

„Нема простор и нема место повеќе за поединци и структури кои манипулираа и правеа вештачки кризи, етнички и политички за подоцна себе си да се наметнуваат како решенија. Вистината токму говори, дека најголемиот белег во однос на Рамковниот договор е што оваа влада преку носењето на законот за правична застапеност ја исполни и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед“, рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека Рамковниот договор е затворено поглавје и оти останува да сведочи за потребата за обединување и интегрирање во исполнувањето на заедничките цели.

„Нашата татковина не е силна затоа што сме сите исти, туку затоа што сме различни, а сепак сме заедно. Силата е во тоа што е една држава, со едно срце, но со многу бои. 24 години се доволно време за да сфатиме дека мирот не е нешто што се подразбира – мирот е нешто што се гради секој ден. Тој бара трпение, бара почит, бара подготвеност да се слушне и другата страна. И бара политичари, граѓани, интелектуалци, работници, студенти – сите – да ја стават иднината пред личниот интерес“, нагласи тој.

Како што кажа, овој ден не е само спомен туку обврска да се потсетиме на храброста на оние кои тогаш застанаа и рекоа: „Доста е со поделби, време е за мир“. Обврска да не дозволиме омразата и нетрпеливоста повторно да пуштат корен, рече тој, обврска да им оставиме на нашите деца држава која е обединета, силна и праведна.

„Нека знаат сите – нема македонска, нема албанска иднина, нема турска или српска иднина – има само заедничка, македонска иднина за сите нас. И таа иднина ќе биде онаква каква што ќе ја создадеме денес“, рече премиерот Мицкоски повикувајќи ги сите без разлика на вера, националност или политичка определба или политичка неопределба – да ја изберат државата пред поделбата, иднината пред минатото, љубовта кон татковината пред омразата.

Историјата, нагласи тој, нè учи дека татковината не се брани со оружје – таа се брани со доверба, со почит, со визија.

„А визијата која ја имам за Македонија е јасна – земја каде граѓанинот е слободен, институциите се праведни, а различностите се почитуваат и слават. 24 години по Рамковниот договор, да им покажеме на сите – дома и надвор – дека остануваме верни на патот на мирот и заедништвото. Дека сме научиле од минатото, дека сме подготвени да се гледаме во очи и да кажеме дека заедно сме посилни“, заврши Мицкоски.

На одбележувањето во Владата се обрати и вицепремиерот Изет Меџити.

„Денес, 24 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, не одбележуваме само крај на еден конфликт, туку визија врз која се гради современата држава за сите граѓани,“ рече Меџити на свечената владина седница.

Тој истакна дека Охридскиот договор поставил темели за нов пристап во изградбата на државата, заснован на еднаквост, инклузивност и почитување на правата како клучни елементи на демократското функционирање.

„Нашите владини политики се водат токму од овој дух – да создадеме држава што му служи на секој граѓанин, без разлика на етничка, верска или политичка припадност,“ рече Меџити.

Тој додаде дека договорот не бил само мировен документ, туку основа за низа реформи и политики кои ги трансформирале институциите од затворени структури во отворени, достапни и репрезентативни механизми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ