„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервјуто не ја спомна Ленче Ристоска со име и презиме. Тој говореше за медиокритети, и чудно е како Ленче Ристоска се препозна во тоа интервју“, велат од Владата.
„Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, значи тие веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротиставени странки во процесот…“, рече Мицкоски. Новинарката коментираше дека ова е „клиентелистичко-политички“, на што Мицкоски одговори: „Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип на медиокритети ние имаме работа. Но, во ред, тоа е тоа“.
Ристоска, обвинителка од поранешното Специјално јавно обвинителство, е единствената која јавно ги критикуваше поднесените измени, предупредувајќи дека тие се подеднакво лоши, дури и полоши од измените од 2023 година. Таа аргументираше дека со предложените измени се санкционираат само конкретни дејства во постапките за јавни набавки и се отвора простор за неказнивост каде што злоупотребите се најчести. Исто така, се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, министри и други функционери. „Измените на Кривичниот законик и тоа како влијаат на културата на неказнивоста која некако се протержира во изминатите години. И Обвинителството, по мое мислење, е ставено пред една неблагодарна и тешка задача. Имаме кратки рокови, таму каде што не е застапена застареноста, тоа експресно да се заврши. Од друга страна, ресурсите се такви какви што се, не ни се унапредени состојбите“, изјави Ристоска во 2023 година.
Ристоска вчера реагираше дека премиерот во интервју изнел навреди и неосновани професионални дисквалификации за неа, односно „неточни и понижувачки вредносни судови“, имплицирајќи дека е „медиокритет со клиентелистичко-политичка матрица“, дека, како што вели, дополнително ја поврзал со целосно измислени тврдења за изјави кои не ги дала, „со очигледна тенденција да се доведе во прашање нејзиниот професионален интегритет“. Таа побара од Мицкоски јавно извинување и повлекување на спорните наводи.
„Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција“, вели обвинителката Ристоска, која застапува две обвиненија поврзани со партијата на Мицкоски, а тоа се „Талир 1“ и „Талир 2“ и се чувствува загрозена и притисната од овие напади од политичари.
ВМРО-ДПМНЕ, чиј имот е во рацете на обвинителката Ристоска, не ѝ се извини откако Мицкоски ја нарече „тажен симбол за неправда со државни бонуси во служба на Заев и Груби“. Премиерот на брифинг со новинарите истакна дека таа земала повисока плата отколку што требало.






