„Неподносливо е, а и многу граѓани се жалат дека иако постои закон, тој селективно или либерално се применува односно никаква примена. Тоа е остаток од минатото и сакаме да го канализираме. Се пуши таму каде што не треба да се пуши. Ние разговаравме со Хорека групацијата, со хотелите, рестораните, клубовите и сигурен сум дека тука веќе имаме некакво решение. Но исто така, што се однесува до производителите и увизниците ќе се сложите дека сѐ повеќе малолетници користат таканаречени вајпови со вкусови и тоа не е во ред. Ако се бориме против пушењето, а децата од најмала возраст користат вајпови што подоцна може да се трансформира во нешто друго, тоа не е во ред“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на увозниците на електронски цигари.
„И сега тие што ги увезуваат вајповите се правдаат дека има шверц од соседните земји. Сега од едно лошо алтернативата ни е друго лошо. Не е тоа суштината на оваа реформа. Ние велиме секој може да продава тоа што треба да продава, но да има јасно правило како тоа треба да функционира. Не можеме ние да дозволиме и понатаму деца од 12, 12 години да ги користат ароматизираните вајпови. Тоа е тоа што ние не сакаме да го има во законот, а тие бараат да има барем еден, два вкуса. Ментол да имало, на пример. Ова не е шведска маса, па сега сакам малку од ова, сакам малку од она. Тоа значи дека или ќе направиме еден холистички пристап или ќе оставиме како и досега да биде без контрола, па да видиме до кај ќе стигнеме“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за здравство Азир Алиу кажа дека до крајот на неделата предло-законот треба да влезе во владина процедура.
„Нашата стратегија е да работиме со сите засегнати во државата. Имавме повеќе состаноци со работните групи, но и на политичко ниво. Подготовката на предло-законот против пушењето е при крај и мислам дека до крајот на неделава ќе влезе во владина процедура“, изјави Алиу.
Претходно, Алиу изјави дека направена е научна анализа за тоа под кои услови просторот може да се третира како дозволен или забранет за пушење.
„Заклучокот од експертите е дека терасите може да бидат места за пушење доколку имаат две отворени страни. Во Скопје има над 7.000 угостителски објекти со тераси, а многу од нив структурно не можат да обезбедат три страни“, изјави минатиот месец министерот Алиу.
Законот предвидува и можност покривот да биде отворен и да се смета како една од страните за природна вентилација.
„Доказите покажуваат дека кога покривот е отворен, воздухот се прочистува за неколку секунди“, нагласи Алиу.
Една од најголемите инфраструктурни обврски за угостителите ќе биде задолжителниот посебен влез во делот од објектот што не е наменет за пушачи.
„Целта е да ги заштитиме непушачите и да овозможиме јасно одвоени простори“, додаде министерот. Се надевам дека за две-три години ќе имаме прес-конференција на која ќе објавиме дека бројот на пушачи е намален од 45 отсто на под 20 отсто“, изјави претходно Алиу.






