сабота, 6 декември 2025

Мицкоски: Нашата генерациска мисија е да покажеме дека државата ќе успее

Aко нешто научивме во сите овие години, тоа е дека Македонија не паѓа кога е тешко – паѓа кога се откажува. Денес одбиваме да се откажеме. Одбиваме да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Одбиваме да веруваме дека нашите деца треба да си заминат надвор за да успеат. Одбиваме да ја прифатиме приказната дека Македонија е премногу мала за големи работи, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е и актуелен претседател на Владата.  На партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци, Мицкоски пред сопартијците и симпатизерите на партијата рече дека Македонија влегува во деценијата на зрелост и дека државата мора да успее.

Објавено на

часот

Сподели

На партискиот конгрес што се одржува во Кавадарци, Мицкоски пред сопартијците и симпатизерите на партијата рече дека Македонија влегува во деценијата на зрелост и дека државата мора да успее.

„Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. И денес таа волја постои. Зрела е. Посилна од било кога. Затоа што денес не почнуваме нешто ново – денес продолжуваме нешто започнато пред генерации. Го продолжуваме стремежот за државност; за достоинство; за место под Сонцето што никој не може да ни го одземе. Нека се слушне од оваа сала до секој дом во земјава: ова е времето на создавање, не на чекање. На визија, не на страв. На обединување, не на пресметки. На изградба, не на извинување. Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија: дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее. Ова е нашето ветување. Ова е нашиот завет. Ова е нашата мисија“, подвлече Мицкоски.

Рече дека државата не се гради со зборови, туку со карактер и дека иднината не ја носат храбрите говори, туку храбрите одлуки.

„Во животот на секоја генерација постои момент кога историјата престанува да биде учебник и станува обврска. Пред нас е точно тој момент. Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо: за обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство; не е експеримент, туку победено право; не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши. Затоа, денес ја обновуваме големата идеја: дека државата е заеднички дом на сите, но обврска пред секого. Дека слободата не е подарок, туку дисциплина. Дека модерната Европа не е географија, туку вредност. И дека напредокот не доаѓа од оние што чекаат, туку од оние што тргнуваат да го создадат. Ние сме тие што мора да тргнат. Затоа што никој од надвор нема да ни ја изгради државата. Ниту ќе ни ја заштити историјата. Ниту ќе ни ја напише визијата. Тоа е наша чест, наша должност и наша генерациска мисија“, рече Мицкоски.

Тој во своето обраќање на 18. партиски конгрес го претсви документот кој претствува новото поглавје – Стратегија  Македонија 2030, пропратено со нова парадигма, и Идиолошки кодекс на партијата и договор со граѓаните. Визија која, рече,  треба да ја гради државата за генерацијата која доаѓа.

„Последниот конгрес дојде веднаш по победата на локалните избори во 2021 година кои беа всушност вовед и пресврт во политичкото делување на оваа генерација на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој четири годишен период победивме убедливо и на претседателските избори, и на парламентрните избори со што и ја добивме одговорноста да управуваме со Владата. Овој конгрес се случува по убедливата и би рекол историска победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на последните локални избори. Овие победи покажаа дека Македонија заслужува иднина и напредок и дека ја оправдуваме довербата од граѓаните. Сите овие победи му припаѓаат на секој еден член, на секој еден човек кој дал влог за нашата партија. Но овие победи за мене се и одговорност, не само да се води државата, но и точно да се трасира патот каде треба да се движи во периодот што доаѓа“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека би бил неодговорен пред себе и пред делегатите, доколку се остави на стихијата и на радоста на победите, затоа што во исто време додека овде, вели, одбележуваме уште еден конгрес, неприкинато се потсетувам и мислам на тоа колку уште многу работи мораме да направиме и дека народот сеуште живее тешко и мачно и дека ние сме тие кои мораме да ги исправиме неправдите но и да донесеме надеж и иднина за генерациите што доаѓаат.

„Визијата за Македонија 2030 е визија за стабилна, продуктивна, правична и европски позиционирана држава, со економија што расте на знаење и труд, со институции што опстојуваат над политичките циклуси, со самосвесен национален идентитет, со зелен и технолошки развој, и со општество што верува во заедничката иднина. Оваа визија не е декларација. Таа е рамка за политичко дејствување. Таа бара политика што е сериозна, континуирана и спремна да ја стави државата пред дневната добивка. Токму во тоа се мери зрелоста на една политичка сила, а во следните години тука ќе се мери и зрелоста на државата“, рече Мицкоски. 

Новата политичка епоха бара парадигма што ќе ја надмине логиката на транзицијата. Парадигмата „Државност 2030“ се темели врз три оски, институционална стабилност над политички циклуси, продуктивност како национален приоритет, идентитет + Европа: синтеза, а не конфликт, кажа Мицкоски.

Мицкоски во својот говор ги наброја десетте принципи кои ја дефинираат парадигмата на модерното државно водство.

„Овие десет принципи ја дефинираат парадигмата на модерното државно водство: достоинство пред сè – политиката ја почитува вредноста на човекот и државата, правдата е единствениот легитимен авторитет – без неа нема држава и знаењето е највисоката форма на капитал, образованието е темел на иднината“, рече Мицкоски.

Државата мора да биде силна, но не и доминантна, силна во заштитата, умерена во контролата.

„Нацијата е заедница на заедничка судбина – не етнички список, туку историска целина. Пазарната економија создава можности, но мора да биде праведна, слободата бара одговорност. Институциите се јадрото на демократијата – политиката доаѓа и си оди, државата останува. Европската ориентација е цивилизациска определба – не тактика, туку вредност. Технологијата и одржливоста се новиот облик на развој – зелената трансформација е пат, не опција. Општеството се гради со доверба, без неа нема стабилност, единство, напредок.  Овој идеолошки кодекс, национален договор и нова парадигма ја оформуваат политичката мисла што ја води партијата во периодот 2025–2030. Тие го поставуваат патот кон Македонија која е:  суверена во идентитетот; eвропска во ориентацијата; стабилна во институциите и успешна во економијата“, порача Мицкоски.

Тој пред делегатите упати порака дека дражавата може да успее само со работа единство.

„Од овој конгрес испраќаме една порака што треба да одекне низ секој град, секое село, секое семејство и секое срце: Македонија може, Македонија знае, Македонија ќе успее. Со визија, со работа, со единство. Со сила што не се гледа само во говори, туку во секојдневното креирање просперитет. Нашата задача не е да ветиме иднина, туку да ја создадеме. А, ако стоиме цврсто, обединети и сигурни во правецот, тогаш иднината ќе личи на нас, а не ние на неа“, рече во своето обраќање Мицкоски.

Тој подвлече дека денес се затвора една етапа на неизвесност и се отвора деценијата на зрелоста, на растот и развојот на државата.

„Денес, пред оваа сала, ја затвораме една етапа на неизвесност и ја отвораме деценијата на зрелоста. Деценија во која државата не само што ќе опстане, туку ќе расте, ќе се стабилизира, ќе напредува, ќе стане пример. Деценија во која ќе покажеме дека политиката може да биде чест професија, дека лидерството може да биде служба, а државата заеднички дом што го чуваме и го градиме со љубов, упорност и дисциплина“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека ова е нашата обврска, нашата чест и нашата заедничка мисија, повикувајќи на поддршка за стратешките документи, визија и планови кои ќе носат на партискиот Конгрес.

„Секое време бара прилагодување. Ние мора да се прилагодиме на времето кое доаѓа и на генерацијата на која мораме да и дадеме шанса. Ова е словото врз кое го темелиме идниот развој. Заедно и обединети, за визија која ќе ја гради државата и заедничката иднина. Ве повикувам да ја поддржите оваа стратегија и пропратните доктринарни, стратешки документи, визија и планови“, повика Мицкоски.

Осврнувајќи се на економијата во својот говор пред присутните, Мицкоски рече дека државата мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз и да премине кон економија заснована на знаење, технологија и иновации.

„Овој премин бара системски реформски циклус во повеќе области: индустрии базирани на знаење, технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација, инженеринг, креативни индустрии – ова е новата економска матрица. Земјата мора да вложува во области што создаваат висока додадена вредност и конкурентност на глобалниот пазар. Дигитализацијата и автоматизацијата се предуслов за приклучување кон европските и светските производствени синџири. Модернизацијата на бизнис-секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет. Домашните компании мора да станат мотор на раст преку силна институционална поддршка: капитално вбризгување, кредитни линии, намалени административни бариери и стимули за раст. Националната економија е силна само ако домашните претпријатија се силни. Предвидлива фискална политика, стабилни даночни правила и долгорочно стратегиско планирање, усогласено со европските стандарди – се предуслов за развој. Ниту една компанија не инвестира во држава во која даночните правила се менуваат со дневната политика. Довербата се гради со долгорочност, јасност и транспарентност“, рече Мицкоски.

Зелената економија, како што посочи, не е идеолошки проект, туку државна потреба и мора да се инвестира во обновливи извори на енергија, модернизација на преносниот систем и регионални енергетски проекти за да се намали зависноста и да се создаде нова економска динамика.

„Стабилноста и развојот се невозможни без доверба во државата, а довербата се гради само преку независни институции, владеење на правото и системи што создаваат правичност, а не зависност. Без доверба во институциите – нема држава. Правната држава не е збир од закони, туку нивна доследна примена. Македонија мора да ја премине границата од формална кон функционална демократија“, нагласи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ