„Уште една убава вест за македонската економија и граѓаните. Во првиот квартал од 2025 година, заклучно со 31 март, намален е јавниот и државен долг. Јавниот долг е 57,7% од бруто домашниот производ, а државниот долг е 50,1% од бруто домашниот производ“, пишува Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Ова, додава тој, е најниско ниво во последните пет години и споредено со состојбата од 2020 година, јавниот долг е намален за -2%, а државниот долг е намален за -0,7%.
„Одлични индикатори за состојбата на македонската економија. После првата фаза на стопирање на слободното паѓање што се случуваше седум години, побргу од очекуваното се случи консолидирање, сега следува период на развој и реализација на стратешките цели во овој мандат на Владата. Продолжуваме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија! Македонија станува повторно твоја“, пишува Мицкоски на Фејсбук.
Претходно, Министерството за финансии ги објави податоците за нивото на јавниот долг на крајот на првиот квартал од 2025 година. Согласно објавените податоци јавниот долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7 отсто од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ.
Мицкоски реагираше и на информацијата на Државниот завод за статистика дела во март е регистриран раст на индустриското производство од 5,2% на годишно ниво, споредено со март 2024 година и после долго време раст на индустриското прозводство на квартално ниво. „Имено, во првиот квартал од 2025 споредено со првиот квартал од 2024 година, индустриското производство порасна за 2%. Посебно радува фактот што расте преработувачката индустрија во март за 4,8%, а во првиот квартал за 3,6%.
Што наследивме како влада?
Во вториот квартал од 2024 година, индустриското производство паѓаше со -7%, а индустријата беше во тешка рецесија. Следеа два квартали на стабилизација и конечно имаме во првиот квартал од 2025 година раст на индустриското производство, во исклучително сложени услови за европската економија и автомобилската индустрија. Ова се солидни индикатори и инспирација да продолжиме со дисциплинирани и развојни економски политики. Горда Македонија е богата Македонија“, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.