Одговорајќи на новинарско прашање за браната на река Отиња во Штип, премиерот изјави дека од првичната пресметка недостасувале околу 2 милиони евра.
„Со ребалансот се обезбедени и тие средства, па од 6 дојде на 8 милиони евра. Значаен проект“, нагласи премиерот Мицкоски.
Прашан за браната Речани и дали може да се забрза динамиката на изградба, премиерот Мицкоски изјави дека може, но прво, како што рече, мора да се откријат одговорните зошто до тука е заглавена работата.
„Јас знам, но институциите се занимаваат. За жал, некој се поигрувал со државните пари, како и многу работи во минатото. Апсолутно да, тоа е во нашиот фокус и не треба да имате дилема бидејќи и за самото Кочани, кое ќе биде најголем корисник на тој капацитет, тоа ќе значи помали трошоци во процесот на водостабнување кај граѓаните бидејќи нема да се користат бунари, па да се плаќа скапа електрична енергија. И ако ја пресметаме внатрешната стапка на поврат на подолг рок, таа е во корист на граѓаните, општината, државата и апсолутно да, тоа е приоритет. Но, мора некој конечно да се позанимава и што се случувало во минатото, но тоа е работа на Обвинителството. Сега тоа што таму е ситуацијата таква каква што е, тоа е друг проблем, кој се надевам дека наскоро ќе го решиме“, изјави премиерот.






