вторник, 7 април 2026

Mицкоски најави инвестиција од САД – реткиот минерал антимон од селото Луке ќе се преработува во Оклахома

Инвестиции во рудник за реткиот минерал антимон и за проектот Чебрен и Галиште се дел од темите на денешниот Стратешки дијалог меѓу Македонија и САД, изјави премиерот Христијан Мицкоски за денешните средби на македонската владина делегација во Вашингтон.

Објавено на

часот

Сподели

„Таму ќе биде промовирана инвестицијата за реткиот минерал антимон од кривопаланечкото село Луке, кој ќе се извезува во САД. Топилницата за негова преработка би се градела во Оклахома“, рече Мицкоски.

Тој рече дека истражувањата на терен се при крај и наскоро очекува да почнат ископувањата на рудата. „Ова е нешто што е многу важно за македонската економија и за нас како граѓани“, подвлече Мицкоски и додаде дека економската придобивка од оваа инвестиција ќе биде огромна бидејќи целото производство ќе биде наменето за американскиот пазар.

Пред потенцијални американски инвеститори ќе се презентира и проектот за хидроцентралите Чебрен и Галиште.

Македонија е првата земја од Европа што одржува Стратешки дијалог на вакво ниво со актуелната администрација на САД, рече Мицкоски за денешната посета на македонската делегација во Вашингтон.

„Темите што ќе бидат опфатени се дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, билатералната соработка, енергетиката, како и инфраструктурата која ја градиме и во која силно инвестираме. Посебен фокус е ставен и на соработката во одбранбената индустрија. Тоа се неколку области во кои очекуваме да се постигне голем напредок“, рече тој.

За можните инветиции во дата центри, Мицкоски рече дека имал средби со четири компании што имаат искуство во оваа област и што се заинтересирани да инвестираат кај нас. „Станува збор за сериозни инвеститори и инвестиции. Кога ќе можам да повеќе да зборувам, ќе споделам, затоа што не би сакал да кажувам нешто додека не бидам сто проценти сигурен дека тоа ќе се случи. Но, доколку се случи, еве да претпоставиме дека тоа ќе биде така, ќе имаме огромна додадена вредност во македонската економија“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ