„Следните денови ќе имаме бројни состаноци коишто очекуваме значително да влијаат на подобрување на економската состојба и привлекување на голем број на инвестиции. Учесник ќе бидам на три панели на коишто ќе ги презентирам можностите за инвестирање во Македонија, истовремено ќе оствариме и бројни билатерални средби со многу компании од светот. Очекувам плодни резултати, успешни состаноци и успешна посета во Давос“, објави премиерот Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација, како што информираат од владината прес-служба, ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе има средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Официјалната програма на Светскиот економски форум започнува денеска. На денот на отворањето, говори ќе имаат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг.
Во Давос утре доаѓа и американскиот претседател Доналд Трамп, кој ќе биде главен говорник на форумот. Трамп ќе биде придружуван од неколку високи американски функционери, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесент.






