понеделник, 30 март 2026

Мицкоски на средба со Орбан: Македонија и Унгарија градат силно стратешко партнерство

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во рамки на посетата на Будимпешта, Унгарија, оствари средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, а се обрати и на настан организиран од „Mathias Corvinus Collegium“ (MCC), престижна научна, образовна и истражувачка институција.

Објавено на

часот

Сподели

 

На средбата со Орбан, како што информираат од Влада, била потврдена заедничката определба за продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете држави. Разговорите се одвивале во исклучително конструктивна и пријателска атмосфера, при што акцент бил ставен на унапредување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, зголемување на трговската размена и реализација на конкретни проекти од заемен интерес.

Двајцата премиери разговарале и за инфраструктурната поврзаност, енергетската стабилност и регионалната соработка, оценувајќи дека во услови на глобални предизвици, силните партнерства се клучни за обезбедување стабилност и развој. Беше истакната и важноста на поддршката што нашата држава ја добива од Унгарија во контекст на европската перспектива, при што беше нагласено дека процесот на интеграција треба да се темели на принципиелност и мерит-систем.

Премиерот Мицкоски ја истакнал и вредносната димензија на односите меѓу двете држави, нагласувајќи дека заедничките вредности – семејството, традицијата и зачувувањето на националниот идентитет – претставуваат темел на стабилни и просперитетни општества. Воедно, беше нагласена и улогата на Унгарија во справувањето со мигрантската криза и значењето на соработката во обезбедувањето на регионалната безбедност.

Во рамки на посетата, Мицкоски се обратил и на настан во организација на „Mathias Corvinus Collegium“, каде што говорел за значењето на лидерството, визијата и храброста во време на сериозни европски и глобални предизвици. Тој истакна дека силните држави се градат врз јасни политики, стабилни институции и доследна заштита на националните интереси.

Во обраќањето беше потенцирано дека Унгарија претставува пример за држава која со јасна визија и силно лидерство успева да обезбеди економски развој, стабилност и зачувување на идентитетот. Премиерот Мицкоски ја нагласи улогата на премиерот Орбан како лидер кој има храброст да носи одлуки во интерес на својата држава и кој придонесува за стабилноста на регионот и Европа.

Истовремено, беше посочено дека партнерството со Унгарија не е формално, туку суштинско и засновано на доверба, заеднички вредности и конкретна соработка. Двете земји, како што беше истакнато, градат стратешки сојуз насочен кон економски развој, политичка поддршка и заедничко справување со предизвиците на современото време.

Мицкоски, се вели во соопштението, изрази благодарност за поддршката што Македонија ја добива од Унгарија, оценувајќи дека таа е искрена, континуирана и од исклучително значење за натамошното продлабочување на билатералните односи.

Беше заклучено дека посетата и денешните активности претставуваат значаен чекор напред во зацврстувањето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Унгарија, со јасна заедничка визија за иднината, заснована на соработка, доверба и развој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ