Прашан за одлуката на Левица да оди на избори со свои кандидати во Тетово, Гостивар и Струга, со образложение дека не ја забораваат западна Македонија, тој кажа дека со тоа Левица ја спасува ДУИ.
„Во изборниот процес учествувате за да победите. Левица кажа дека не ја забораваат западна Македонија и ќе имаат кандидати во Тетово, Гостивар и Струга. Но, зошто и во другите општини во западна Македонија немаат свои кандидати. Ако знаете дека нема да победите, а кандидирате кандидат, тогаш сте или нефер кон кандидатот или имате друг политички договор вие да бидете прокси кандидат, а да победи некој друг“, рече Мицкоски.
Тој се осврна и на тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат кандидат за градоначалник во Кичево, но не и во Тетово, Гостивар и Струга.
„Во Кичево мислиме дека ќе победиме, а во Тетово, Гостивар и Струга и во други општини каде сметаме дека не можеме да победиме и нема да имаме свој кандидат, и затоа ќе го поддржиме коалицискиот партнер“, изјави Мицкоски.
Во однос на ДУИ тој ги отфрли тврдењата дека со критиките за криминал и корупција го крева нејзиниот рејтинг. Прашан дали по обвинувањата за криминал и корупција има приведени членови на ДУИ, рече дека има 20-тина кривични пријави против високи функционери на ДУИ, но зошто не се процесуирани и се на слобода за тоа одлучуваат обвинителството и судот, а не Владата.
Мицкоски потсети на неговата изјава дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа навистина се случи и тие веќе 15 месеци се во опозиција.
За обвинувањата дека за сè е виновна претходната власт, кажа дека тоа се луѓето кои седум години го уништуваа системот, ги клекнаа институциите на колена и го направија најголемиот грабеж во историјата, и тоа не може да се поправи за 15 месеци, иако оваа влада досега успеа да поправи многу.
„Не можеме наеднаш да поправиме сѐ што со децении било уништувано. Направивме многу, а уште повеќе останува да се направи. Ние сме единствената влада која привела министер од сопствените редови, тоа не се случило никому, а знаеме дека голем е бројот на министри кои учествувале во такви девијантни однесувања во минатото. Ветувавме чесна и напорна работа, и тоа го правиме во изминатите 15 месеци. Нема скандали на грабеж, криминал, на висока корупција, како што имаше во изминатите години на дневна основа“, изјави премиерот Мицкоски.
За тоа дали актуелната власт е одговорна, како што нагласи, ќе решат граѓаните на избори.
Мицкоски говорејќи за последните случувања со пожарите истакна дека постојат индиции кој може да биде инспиратор за сето тоа, веќе има поголема група на осомничени, и потенцираше дека институциите брзо се справија со предизвикот, ситуацијата е нормализирана, а одговорност ќе има за сите тие кои не сакаат да имаме стабилна и држава која напредува.
„Има индиции, имаме основано сомневање кој може да биде инспиратор за сето ова што се случуваше, но можам да кажам дека сум исклучително задоволен што за многу кратко време институциите во една координирана акција успеаја да го совладаат предизвикот и денеска можам да кажам дека состојбата и во Дрисла, и Вардариште, и во Трубарево е нормализирана и нема ни чадење“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека се ова што го зборува е врз основа на информациите со кои располага, но она кое е најважно е дека состојбата е под контрола, граѓаните да бидат мирни и спокојни, институциите кога се пред предизвик се организираат и екстремно брзо реагираат.
„Веќе имаме една група од дваесетина лица која е под мониторинг за која постои основано сомневање дека девијантно се однесувала во изминатиов период и оставам органите на прогон да си ја завршат својата работа. Многу лесно можете да дојдете до тоа кои се тие центри на моќ, тоа се тие кои не сакаат Македонија да биде успешна земја, кои не сакаат да имаме стабилна Македонија која ќе се развива, ќе ниже успеси, ќе расте ќе владее правото, ќе нема корупција и криминал, тие сакаат да ја видат таа Македонија од претходните седум години понижена, ограбена, засрамена, со политичари со свиткани кичми. Многу лесно граѓаните ќе дојдат до одговорот“, изјави Мицкоски.
Од почетокот на сезоната на пожари до денеска има повеќе од 30 лица приведени за кои постојат основани сомненија, но и докази дека учествувале подметнување на пожари, рече Мицкоски.
„Ќе се сетите од случувањата во јуни кога наеднаш во околината на Скопје на неколку локации се случија неколку пожари, неколку лица беа приведени, за некои постоеше основано сомневање дека учествувале во подметнување, а во текот на летото исто така, и сега во Вардариште имаше акција, МВР приведе неколку лица и е одредена мерка притвор, исто и во Трубарево и Дрисла. Сите овие пожари кои се случуваат, можеби има кои не се од човечки фактор, но најголемиот дел од нив се предизвикани од човечки фактор“, додаде премиерот Мицкоски.






