Во дворот на црквата „Св. Константин и Елена“ премиерот Мицкоски и владината делегација која ја сочинуваа и министрите за локална самоуправа Златко Перински и за култура Зоран Љутков положија цвеќе, а потоа присуствуваа и на панихида по повод Разловечкото востание.
„Денес стоиме исправени пред времето и пред историјата, пред споменот на храбрите од Разловци – првите што повикаа на слобода, достоинство и национално будење во мај 1876 година. Тие не чекаа дозвола да сонуваат, тие станаа и се бореа. Иако востанието беше задушено, неговиот пламен не згасна, се прелеа во Илинден, во НОБ, во независна Македонија. Нe научија дека ‘подобро еден ден слободен, отколку целиот живот во ропство’“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека таа борба не е завршена, бидејќи денес се бориме против заборавот, разединетоста, иселувањето, корупцијата и нападите врз идентитетот.
„И затоа, должни сме како некогаш хероите од Разловци, да не се предадеме, да не молчиме и да не се двоумиме кога е време за дело. Да ја чуваме Македонија не само на мапа, туку во срцето. Да градиме со знаење, солидарност и чесност.Нека живее споменот на Разловечкото востание! Нека живее Македонија – вечна, слободна и горда“, додаде Мицкоски.
Настанот беше во организација на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ – Делчево под покровителство на Министерството за култура и туризам.