„Денеска, во Кочани, оддаваме тивка, но длабока почит кон невините животи што прерано згаснаа. Една година подоцна, болката и празнината сè уште се чувствуваат во секое срце, но заедно со нив живее и сеќавањето на недовршените соништа“, објави Мицкоски на фејсбук.

Тој се потпиша во книгата на жалост и изрази длабоко сочувство кон семејствата на загинатите.
„Со голема почит се потпишав во книгата на жалост како искрен чин на почит кон настраданите и како израз на солидарност со нивните семејства и присуствував на комеморативниот настан ‘Ден на сеќавање – 16 март 2025’ во Центарот за култура ‘Бели мугри’. Нека споменот за нив остане вечен, а нашата заедничка човечност и единството нека бидат сила што ќе нè води напред. Со длабоко сочувство кон семејствата, Кочани памети, Македонија памети“ истакна Мицкоски.

Молитва за упокоените одржа митрополитот на Брегалничката епархија, господин Иларион, во сослужение на свештеници од кочанскиот црковен храм „Св. великомаченик Ѓеорги“.
На молитвата присуствуваа семејствата на жртвите, голем број граѓани, како и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и голем број претставници од политичката, академската и општествената заедница.

Паркот на револуцијата во Кочани денеска беше исполнет со гласна тишина, а шеесет и три бели столчиња наредени на отворено и со една бела роза на нив за спомен и отворена книга за жалост – беа немо сведоштво за животите прекинати во најубавите години.
Во Центарот за култура „Бели мугри” во тек е централниот комеморативен настан „Ден на сеќавање“ – 16 март 2025, во спомен на трагично загинатите.






