Како што информира Мицкоски преку својот фејсбук профил, јубилејот обединил лидери и пријатели на ЕПП од цела Европа.

„Вечерва имав чест да присуствувам на одбележувањето на 50-годишнината од формирањето на Европската народна партија (ЕПП), значаен јубилеј кој обедини лидери, претставници и пријатели од цела Европа. Настан исполнет со силна енергија, визија и заедништво, каде се потврди улогата на ЕПП како двигател на европските вредности, демократијата и стабилноста. Присуството на бројни европски лидери даде дополнителна тежина и значење на оваа свеченост. Ваквите моменти потсетуваат колку е важна соработката, меѓусебната почит и заедничката определба за посилна и пообединета Европа“, наведува Мицкоски.
Со него во Брисел се и партискиот генерален секретар, Драган Ковачки, како и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски.

Како што најави Мицкоски, делегацијата од ВМРО-ДПМНЕ што тој ја предводи во Брисел, ќе биде дел и од самитот на лидери што го организира ЕПП. Економската перспектива на Европа, глобалните предизвици како војната во Украина, конфликтите во Заливот и ситуацијата во Иран, се само некои од темите за кои ќе стане збор.

Според ВМРО-ДПМНЕ, посетата на Мицкоски на Брисел ќе биде искористена за билатерални средби на Мицкоски и партиската делегација со присутните претседатели, премиери и лидери од семејството на Европската народна партија.






