четврток, 2 април 2026

Мицкоски: Младите се враќаат во татковината, новата генерација со поинакви предизвици

Не ги прифаќам нападите дека предлозите за измени во Законот за високо образование се со престроги критериуми, а притоа немаме ниту еден универзитет во државата кој што е во првите 2.500 најдобри на Шангајската листа, изјави утрово претседателот на Владата Христијан Мицкоски во гостување во утринската емисија „Македонија наутро“ на МРТВ.

Објавено на

часот

Сподели

„Сакам да верувам дека образованието создава таков кадар. Но не можам, а да не споменам, еве да речеме нешто кое што се случуваше на вашиот медиум, имаше една дебата помеѓу двајца мои колеги од Универзитет, момче и една дама. И го слушав момчето кој што го напаѓаше Законот за високо образование. И искрен да бидам се разочарав, да не речам се шокирав. Во еден момент тој рече дека во предлозите за измени во Законот за високо образование критериумите за избор во звање е престроги. Зошто биле строги? Затоа што законот предвидува моите колеги да пишуваат научни трудови во реномирани списанија, дел од Web of Science (Thomson Reuters) базата и тоа замислете за да бидете избран за редовен професор 4 такви во рок од 5 години и притоа тоа вас државата да ви го надомести. И тоа било висок критериум“, рече Мицкоски.
„Резултатот од сегашната остојба е тоа дека сега и универзитетот ‘Кирил и Методиј’, најреномиранoт од сите универзитети во Македонија, не е ниту помеѓу првите 2.500 универзитети во светот на Шангајската листа. Порано можев да се согласам, да речам добро не се мотивирани, демотивирани се, ниски се примањата, но денеска редовните професори имаат плата од 110.000 или 120.000 денари. Значи некои 2.000 евра и најчесто просекот на часови кој го држат е помеѓу 4 и 8 часа неделно, а останатите денови се оставени за консултации со студентите. Мене не би ме држело место, да седам, да ги набљудувам состојбите, да гледам како тонам, а да не барам чаре од сето тоа. И сега тоа ви е вели погрешно. Па може да погреши тој што работи, тој ништо што не работи, што си седи и што само тоне. Да можам да погрешам, но ајде да слушнам легитимен аргумент, а не само тоа дека критериумите се високи. Сѐ додека ние не поработиме со ваков тип на профил на луѓе, се плашам дека како образование нема да генерираме доволно квалитетен кадар, кој што веднаш ќе може да се соочи со предизвиците и притисоците, туку ќе мора да се доквалификува, преквалификува…“, рече Мицкоски.

Премиерот се осврна и на заминувањето на младите од Македонија.

„За време на периодот на транзицијата во земјава од многумина сиромашни видовме како малкумина станаа екстремно богати и затоа има големо разочарување и иселување. Сепак, ќе дојде време кога младите кои заминале од Македонија од разни причини, ќе се враќаат дома, а борбата треба да се водиме тука. Само дома си е дома“.

Премиерот рече дека дојде новата генерација со поинакви предизвици. „Но, колку и да е тешко, ние сме научени како народ да се бориме и треба од дома да се бориме за себе пред сè, за своето семејство и нормално за својата татковина. Мораме повторно да ја создадеме онаа припадност кон татковината, кон идентитетот. Јас знам дека имало многу разочарувања поради исплакнати луѓе кои ја воделе државата, но тоа мораме да го надминеме, затоа што ние сме една од најмалкубројните нации во Европа и единствениот начин да успееме е ако ги почитуваме тие вредности. Ако не ги почитуваме тие вредности јас се плашам дека некоја идна наша генерација ќе се соочува со предизвикот за опстанок и дали воопшто ќе постоиме“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата работи на целосна стратегија за младите и тоа е еден од врвните приоритети и не само за тоа туку и за формирањето семејство, за поддршката за родителите.

„Се планираат ситимулации за зголемување на наталитетот, задржување и враќање на младите во земјава. Станува збор за мерки за ослободување на мајките од данок – за првото дете во период од една година, за второ дете од две години и за трето дете сè додека не стане полнолетно. Треба да се работи и промена на менталитетот на младите. Мора да работиме на менталниот склоп на младите дека семејството не е како што тоа го изучуваа во последните години – јас тато и мама, туку јас дада, бато, тато и мама“, вели Мицкоски и додаде дека од 22 – 23 илјади деца родени годишно, по 2017 паѓаме на бројка од 16 илјади.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ