“Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници. Кога велиме „инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор“, тоа не е само слоган, тоа е нашата визија и обврска пред граѓаните“, рече Мицкоски пред присутните.
Јавната администрација, нагласи премиерот, е темелот на државата.
„Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите“, додаде премиерот.
Како што рече тој, овој прв циклус на генерички обуки, со 600 учесници од локално и централно ниво, е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промени, туку ги носи.
„Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работење“, рече Мицкоски.

Неодамна, додаде тој, јавната администрација беше „сведена на политички плен“.
“Наместо развој – партизација. Наместо мотивација – страв и реваншизам. Наместо обука – клиентелизам. Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници кои немаа пристап до современи знаења“, посчи Мицкоски.
Кажа дека тоа време завршило.
„Денес јавно кажуваме: јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните“, додаде премиерот.
Нагласи дека Естонија ни покажала дека малите земји можат да бидат големи по иновации. Словенија покажала дека администрацијата може да биде мотор на реформите.






