Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на вчерашната трибина рече дека по гласањето во Собранието партиите кои не гласаа за интерпелацијата на Коцевски сами се соголија.
„Уште една тема којашто многу јасно, кристално јасно ја видовме во македонското Собрание како опозицијата постапува против интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Сами се соголија. СДСМ и ДУИ останаа единствената сламка за спас на кариерата на државниот јавен обвинител затоа што е јасно дека тој им е последниот бастион во одбрана на нивниот криминал во изминатите седум години, затоа нема ниту еден отворен случај против висок функционер на СДСМ и ДУИ“, посочи Мицкоски.
Според него, „паѓаат во вода сите оние тиради од прес-конференции за оној страшен ужасен случај во Кочани, оние лажни повици, буцкањата каде лажно велеа дека бараме правда“.
„Па тој случај токму тој го води, токму овој за којшто сега зборував, нивниот државен јавен обвинител и нема потреба да повикуваат јавно, слободно нека си го викнат, нека си се затворат во канцеларија тие малкумина што останаа во раководството на СДСМ и ДУИ и нека си го прашаат Коцевски до каде е. А ние нема да се откажеме од борбата за правда и подобар живот и правда ќе има, и ќе има подобра иднина која сакаме да ја донесеме“, заклучи Мицкоски.
Коцевски во интервју за Вечер рече дека политиката ја остава на политичарите.
„Имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд големите случаи како Онкологија, Пулс и Крмзов. Не можев да ја следам целата дискусија во парламентот, овде во обвинителството имаме многу работа, особено по откривање на големите случаи каде што моравме да ангажираме и по неколкумина обвинители. Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд: Онкологија случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката Пулс. Ние како обвинителство обезбедивме илјада докази за два ипол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело ‘тешки дела против општата сигурност’, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница“, одговори Коцевски еден ден по интерпелацијата која помина во Собранието на прашањето дали ќе си поднесе оставка.






