четврток, 29 мај 2025

Mицкоски ќе се сретне со семејствата на настраданите во Кочани

Неколку деца од Кочани, преживеани од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кои се враќале од лекување во Турција, доживеале непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул. Инцидентот бил доволно сериозен за премиерот Христијан Мицкоски лично да стапи во контакт со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, со цел да се среди проблемот и да се овозможи непречено враќање на пациентите во земјата.

 

Објавено на

часот

Сподели

Според изјавата на премиерот, по интервенцијата, децата успешно пристигнале во Македонија, по што бил организиран транспорт од аеродромот до скопската болница „8 Септември“. Иако лекарите препорачале подолго болничко лекување, семејствата одлучиле децата да бидат пуштени на нивна одговорност.

„Оваа работа ќе трае со години. Сè што можам ќе сторам. Ќе разговарам лично со семејствата. Цела Македонија болува и ќе болува. Работите не можат сами од себе да се решат“, изјави Мицкоски при посетата на Општина Штип.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека лично ќе се сретне и ќе разговара со семејствата на трагично починатите и на повредените од дискотеката Пулс во Кочани.

„Конкретно ќе го кажам примерот со дечињата што се враќаа пред два-три дена од Анкара кои имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул. Лично разговарав со еден од родителите, со луѓето од најблиската околина и лично со претседателот Ердоган, се среди целата работа… така ќе биде и во периодот што следи. Оваа работа ќе трае со години, нема да биде работа што завршува. Се што можам ќе сторам и ќе разговарам лично и со родителите и на повредените, но и на тие кои трагично ги загубија своите најмили. Цела Македонија се уште боледува и ќе боледува и ова нема да биде болка што ќе престане, но мораме да се соочиме со сето тоа и да ги решаваме работите, не може тие сами да ги решат“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека на дневна основа се решаваат прашања поврзани со настраданите и нивните најблиски, и дека членови од неговиот кабинет редовно комуницираат со семејствата на жртвите и повредените.

Во однос на обвинувањата од опозицијата за селективна истрага, Мицкоски нагласи дека процесот го води обвинителството, и дека тој, како премиер, не комуницирал со обвинители и не се меша во работата на правосудните органи.

Пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани однесе 62 животи, а над 200 лица беа повредени. Голем дел од преживеаните, особено оние со тешки изгореници и проблеми од вдишан чад, беа испратени на лекување во странство. Секојдневно по неколку пациенти се враќаат во Македонија и го продолжуваат опоравувањето под надзор на домашните медицински тимови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ