среда, 21 мај 2025

Мицкоски и Тошковски за Денот на македонската полиција: Безбедноста не е привилегија, таа е темел на секое здраво општество

Прославата за Денот на македонската полиција, кој се одбележува на 7 мај, годинава се одржа во Центарот за обука на МВР во Идризово. Овој ден е посветен за признавање на работата и посветеноста на полицајците во Македонија. Денеска на полицајците им се обратија премиерот на Владата, Христијан Мицкоски, како и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Објавено на

часот

Сподели

„Денес, ја одбележуваме не само историјата на македонската полиција, туку и нејзината жива мисија – да биде штит на граѓаните, чувар на правдата и симбол на државноста. Полицијата не е само униформа и службена должност. Полицијата е човек. Човек што станува порано од сите, излегува на терен и се соочува со ризици од кои сите ние се обидуваме да се заштитиме. Тој човек – полицаецот – не размислува само за својата безбедност, туку и за нашата. ‘Храброста не е отсуство на страв, туку победа над него’, рекол Нелсон Мандела. А храброста на нашите полицајци се покажува секој ден – во секоја интервенција, во секоја патрола, во секоја жртва дадена за да останеме сигурни. Не можеме, а да не се поклониме пред споменот на оние кои својата работа ја запечатија со животот. Нивните имиња се врежани во историјата, но нивните дела живеат во секој наш безбеден ден. Да не заборавиме: зад секоја значка стои семејство кое чека, се моли и се надева дека нивниот најблизок ќе се врати дома“, се обрати премиерот Мицкоски на Денот на македонската полиција.

Мицкоски се наврати на времето кога институциите се користеле како алатка за лични и политички интереси, а не за правда, нагласувајќи дека „тоа време е завршено“.

„Сакам денес, јавно и гласно да кажам: Во оваа држава нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. Законот важи за сите – без разлика дали се работи за обичен граѓанин, функционер или бизнисмен. Силата на државата не се мери со привилегиите на поединците, туку со тоа дали правдата стигнува до сите – и до најмоќните, и до најмаргинализираните. Ние денес испраќаме силна порака: нема компромис со криминалот. Корупцијата и организираниот криминал немаат место во државата која сака да оди напред. Одлучни сме, како Влада, како институции, но пред сè како општество – дека оваа борба мора да се води со целосна посветеност, со вистински партнери и со чисти раце“, порача Мицкоски.

Парафразирајќи ја максимата „правдата може да биде бавна, но никогаш не треба да биде слепа”, премиерот нагласи дека задача на Владата е да и ги отвори очите – преку професионална, етичка и непоткуплива полиција. Полиција која ќе го гони криминалот, без оглед на тоа дали стои зад маска, позиција или пари.

„И токму затоа, инвестираме и ќе продолжиме да инвестираме во вас – нашите полициски сили. Ќе вложуваме во технологија, опрема, обука, но и во достоинството што ви припаѓа.Вашата мисија е света – да чувате поредок, но и да вратите доверба кај народот. ‘Кога правдата замолчува, неправдата станува гласна’, рекол еден мудар човек. Но со вас – со вашата работа, посветеност и пожртвуваност – неправдата останува без простор. Таа се повлекува пред чесната, решителна и модерна полиција“, им се обрати Мицкоски на полицајците.

Во тој контекст порача и дека безбедноста не е само статистика, таа е чувство, таа е кога родител без страв го пушта своето дете во училиште. Кога една мајка спокојно се враќа дома во доцните часови. Кога секој граѓанин знае дека државата стои зад него.

„Тоа чувство ни го подарувате вие – полицајците. Затоа, со полни срца, ви честитаме: Среќен ден на македонската полиција! Да ви се заблагодариме за секоја ноќ без инцидент, за секој спасен живот, за секој криминалец што одговара за своите дела. Ви посакувам здравје, сила и секогаш – безбедно враќање дома. Бог да ве благослови и Бог да ја благослови нашата Македонија. Чувајте ја Македонија!“, го честиташе премиерот Мицкоски, Денот на македонската полиција.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски по повод 7 Мај – Денот на македонската полиција, упати честитки до сите полициски службеници ширум државата, истакнувајќи ја нивната клучна улога во обезбедувањето на јавната безбедност. Тој оддаде почит и на сите припадници на МВР кои го загубиле својот живот во рамките на службата.

„Овој ден е посветен на вас, на сите полициски службеници ширум Македонија, на луѓето кои секојдневно професионално се грижат за безбедноста на граѓаните“, порача министерот, нагласувајќи дека да се биде полицаец не значи само носење униформа, туку и посветеност на заштитата на татковината.

Во обраќањето на свеченоста во Центарот за обука на МВР во Идризово, Тошковски ја потенцираше сложеноста на современиот безбедносен контекст и предизвиците со кои се соочува полицијата.

„Современиот безбедносен контекст е сложен, се соочуваме со големи предизвици и нашата улога денеска е поодговорна од кога било“, истакна тој, додавајќи дека Министерството за внатрешни работи активно соработува со бројни европски и регионални партнери.

Министерот се осврна и на резултатите од работата на полицијата во изминатиот период, нагласувајќи дека е постигнато значително намалување на криминалитетот.

„Покажавме дека можеме – сузбивме 14 криминални групи, од кои најмногу поврзани со трговија со дрога. Откривме две организирани групи поврзани со висока корупција“, рече Тошковски.

Нагласи дека МВР повеќе не е затворена институција, туку, како што рече, „работи рамо до рамо со граѓаните“.

„Безбедноста не е привилегија, таа е темел на секое здраво општество. Без неа нема ниту економија, ниту правда, ниту развој“, нагласи министерот, додавајќи дека македонската полиција ќе продолжи да се менува, расте и подобрува, останувајќи симбол на редот и правдата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ