понеделник, 23 јуни 2025

Мицкоски и Николски се убедени дека со британскиот кредит Македонија ќе стане подобро место за живеење

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски го поздрави донесувањето на Законот за ратифијкација на Договорот за меѓу Владите на Македонија и на Обединетото Кралство (ОК) на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. И потпретседателот и министер за транспорт Александар Николоски ја поздрави ратификацијата на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на ОК.

Објавено на

часот

Сподели

„Помина во Собрание Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Ова е силно сојузништво со една од најсилните држави. Ова носи економски и политички придобивки за заедничката иднина на сите наши граѓани! Промените се случуваат“, напиша премиерот Мицкоски на неговиот официјален фејсбук профил.

Како што претходно изјави Мицкоски, вкупната каматна стапка за заемот од договорот ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти. Во овој случај има петгодишен грејс период и првата фактура би доспеала 1 јануари 2027 година и од тогаш ќе стартува грејс периодот.

„Ние го користиме кредитниот рејтинг на Обединетот Кралство што е трипати А, најдоброто што во овој момент може да го добиеме како земја на пазарот. Ова е она што може да се каже со сигурност од досега договорното. Финансиските услови сѐ уште не се докрај договорени. Сѐ уште нема таков дијалог отворено со никого и кога ќе се отвори тогаш ќе може да се кажат детали“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција за промоција на Оперативниот план за вработување. .

Прашан дали вкупната каматна стапка ќе биде во рамки на моменталните проекции за Македонија кои се од 4,5 до 6,5 проценти, Мицкоски рече вкупната каматна стапка би била пониска од оваа долна маргина.

„Договорот е за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и тој поминува во собраниска процедура. Во делот на финансиските аранжмани ние имаме преговори со финансиски институции од таа земја и имаме од прилика стурктура колку би била каматната стапка за тој еден заем и би кажал дека е подоле од долната маргина што ја кажавте“, изјави Мицкоски.

Но, нагласи тој, Македонија нема да оди на директно потпишување договор со таа финансиска институција, туку Министерството за финансии откако ќе добие барање за проект ќе излезе на меѓународен пазар и ќе има конкурентен дијалог со 18-20 потенцијални кредитодаватели, меѓу кои и европските банки.

„Оној што е подготвен да финансира вакви проекти, со одредена конкурентна каматна стапка ќе биде избран. Не можеме од сега да знаеме дали таа финансиска институција со која преговаравме ќе биде најконкурентна. Таа ќе биде избрана само под услов да е најконкурентна, затоа не е дел од договорот, затоа што таа процедура допрва ќе се случува. И тоа ќе биде транспарентно и нема да биде скриено, нема да се носи со европско знаме и нема да биде класифицирано. Зарем мислите дека јас сум тука да дозволам држава да направи фаул или пак граѓаните да бидат ограбени. Напротив, ние добивме доверба за да ја развиваме“, изјави Мицкоски.

Прашан дали договорот предвидува соработка во безбедноста и што тоа подразбира, Мицкоски, рече дека пред две недели поминал на владина седница меморандум за разбирање меѓу Владата и британска компанија која е подготена да инвестира во еден таков производен капацитет меѓу 250-300 милиони евра, што годишно би носело од извоз околу половина милијарда евра.

„Кога ќе биде сето тоа финализирано ќе застанеме повторно на прес и тоа ќе го кажеме“, изјави Мицкоски. 

И потпретседателот и министер за транспорт Александар Николоски ја поздрави ратификацијата на Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на ОК.

„Овој договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата“, напиша Николоски на својот фејсбук профил.

Со овој договор, наведува Николоски, кој е потписник на договорот од името на македонската Влада, се потврдува партнерството помеѓу двете држави.

„Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење“, пишува на фејсбук статусот на вицепремиерот Николоски.

Собранието попладнево во рамки на 52. седница со 76 гласа за, шест против го донесе Закот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ