Мицкоски порача да не му се обрнува внимание на Георгиев, зашто „одработува“ и зашто тој што го раководи во позадина му дал задача „да се закача“.
„Тоа момче е пратено да привлече мое внимание. Мислам дека не треба да му дадеме можност. Апелирам и до вас медиумите, оставате го. Тоа е влада, која во позадина друг ја раководи. Тие луѓе треба да одработат. Му рекле, му дале задача ‘ајде сега закачај се’, тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“, одговори кусо Мицкоски.
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев во интервју за БТВ се пофали дека неговата држава станала фактор во ЕУ и во регионот, со став дека Македонија треба тоа да го има предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, го нарече „северномакедонски“ премиер.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро реагираше на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“. Филипче ја оцени изјавата како навредлива и недолична, нагласувајќи дека такви ставови не придонесуваат за добрососедски односи.
„Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи“, изјави Филипче.
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има долгогодишно искуство во справување со слични ситуации. Според него, одговорот не треба да биде со конфронтации, туку со трпелива и решителна дипломатска борба.
„Тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба“, порача Филипче, додавајќи дека договорите со соседите треба да се користат како основа за градење на стабилни односи, а не да се доведуваат во прашање.