четврток, 8 јануари 2026

Мицкоски и Филипче со божиќни честитки: Пораки за мир, семејство и заедништво

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упатија честитки по повод големиот христијански празник Божиќ, упатувајќи пораки за мир, семејни вредности, солидарност и заедништво.

Објавено на

часот

Сподели

Во честитката до православните христијани, премиерот Мицкоски порача дека Божиќ е празник кој нè потсетува на суштинските вредности што го обликувале карактерот на народот – семејството, верата, солидарноста и меѓусебната почит. Тој истакна дека силата на општеството започнува во домот, а стабилната држава се гради врз здрави семејства и грижа за најмладите.

„Во време на брзи промени и многу предизвици, овој празник нè повикува да застанеме, да размислиме и да се вратиме кон вредностите што нè одржале: солидарноста, заемната грижа и одговорноста кон ближниот“, наведува Мицкоски, потенцирајќи дека грижата за семејствата и децата е директна грижа за иднината на државата.

Премиерот порача дека Божиќ е и потсетник за важноста на единството и заедништвото, додавајќи дека само како заедница што се почитува и си помага, може да се градат стабилна, праведна и сигурна држава. Тој на сите православни христијани им посака мир во домовите, здравје и спокој во семејствата.

Мицкоски денеска присуствуваше и на Божикната литургија во Соборниот храм, од каде упати кратка празнична порака: „Христос се роди, навистина се роди. На сите граѓани им посакувам пред сè здравје, среќа и мир во домот“.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека паричката за Бадник му се паднала нему.

Честитка по повод Божиќ упати и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој по свечената божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на верниците им посака мирни и весели празници.

„Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка Мир Божји и Христос се роди. Ова е повод семејствата да се соберат, да се покаже почит и грижа, а мирот во овие турбулентни времиња ни е неопходен за да продолжиме да градиме праведно, толерантно и слободно општество“, изјави Филипче.

Тој порача дека општеството треба да се гради така што никој нема да биде дискриминиран и потсети на политиките што, како што рече, во минатото биле насочени кон подобар, побезбеден и поквалитетен живот за граѓаните, без разлика на етничка, национална, верска, културна, полова или сексуална припадност.

Филипче откри дека паричката за Бадник во неговото семејство се паднала кај неговиот син.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ