среда, 1 април 2026

Мицкоски: Граѓаните заслужуваат да дознаат како заврши правната авантура со СЈО, што тие ја финансираа

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека јавноста треба да знае како се одвивале одредени процеси поврзани со „оживувањата“ на предметите на СЈО кога поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева беше веќе во затвор, како десетици луѓе беа судени за тероризам, а заштитени сведоци под присила давале искази за случувањата на 27 април во Собранието, но и за пренесувањето на ингеренциите за пожарот во модуларната болница во Тетово, за случаи во енергетиката, во делот на јагленот, дали постојат фирми што спонзорирале одредени политичари, нивни возила, имоти… 

Објавено на

часот

Сподели

„Очекувам од новиот јавен обвинител да излезе во јавноста со став како тогашната затвореничка Катица Јанева ги пренесе своите овластувања и ги оживеа предметите од поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО). На кој начин и како беше тоа направено. Македонската јавност и граѓаните заслужуваат да знаат бидејќи тие ги плаќаа оние скапи милионски хонорари за тие т.н. обвинители, кои беа дел од СЈО. Тоа треба да го знае македонската јавност бидејќи тоа се плаќаше од народните пари, а резултатот се знаеше каков беше – заврши со една чанта ‘луј витон’ полна со банкноти во странска валута. Така неславно заврши тоа што требаше да биде симбол на правдата, а граѓаните, кои го финансиираа тоа, мора да ја знаат вистината“, рече Мицкоски.

Второ, според него, мора да ја знаат вистината како беа судени десетици луѓе за тероризам и на кој начин функционираа заштитените сведоци – случајот поврзан со 27 април.

„Македонските граѓани мора да го знаат тоа. Не можеме да одиме напред ако вистината не се знае и дали постојат т.н. заштитени сведоци, кои под присила давале искази од страна на одредени лица од судството и од Обвинителството, кои биле вклучени во тој процес за 27 април. Тоа мора да го знае македонската јавност ако сакаме да одиме напред“, рече премиерот.

Третата работа, како што рече, сите оние поднесоци од институциите заедно со Државниот завод за ревизија, кои се во Обвинителството, а кои остатоците од СЈО и од претходната гарнитура ги држеа во фиока, треба да се разгледаат и да се процесираат.

„Доколку ова не се случи, јас не гледам дека во иднина некој може да биде заштитник на правдата. Како се случи модуларната болница, зошто се случи, зошто се пренесуваа ингеренциите, дали сите се прифатени, како се случија многу случаи во делот на енергетиката, во делот на јагленот, дали постојат фирми што спонзорирале одредени политичари, нивни возила, имоти итн… Како се случија многу работи во минатото? Сето ова е документирано и поднесено во обвинителството. Тоа што не сме правеле естрада од сето ова е друга работа, но факт е дека е таму и очекувам од новиот државен јавен обвинител и од неговиот тим да се позанимаваат со тоа“, рече Мицкоски.

Ако немаме капацитет да отвориме толку многу случаи, одговори премиерот на новинарско прашање, Владата, како што сега даде согласност за 200 нови вработувања во судовите, така ќе даде согласност и за вработувања во Обвинителството.

Засега рече дека не е планирана средна со новиот државен јавен обвинител.

Одговарајќи на прашање за одземањето на ингеренциите на обвинителката Ленче Ристовска за случаите поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа е одлука на обвинителството и оти за тоа одговори треба да се бараат таму.

„Тоа е одлука на обвинителството. Јас немам што да коментирам тука, можеби треба нив да ги прашате“, рече Мицкоски, кој беше во Гази Баба.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ