„Ова прашање можеби најдобро ќе ви го одговори новиот член на вашиот Извршен комитет, господинот Бислимоски, кој што е брат на претседателот на Регулаторна комисија, Марко Бислимоски. Регулаторната комисија по закон, по Устав е незвисно тело, не знам зошто мене ми го поставувате ова прашање. Претпоставувам треба да му го поставте на Марко Бислимоски, чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот комитет на СДСМ и се надевам дека тој ќе ви даде пропрецизен одговор од мене. А зошто ја манипулиравте јавоста со поскапувања од над пет проценти, па над десет проценти, па не излезе толку, излезе 2 запирка нешто проценти – претпоставувам исто така тие можат да ви дадат одговор“, му одговори Мицкоски на Филипче, кој меѓу другото го праша и зошто тие како Влада, во изминатите над година и половина не сториле нешто за да го зајакнат енергетскиот сектор.
Мицкоски истакна дека изминатите година и половина повеќе од 50 луѓе, коишто го уништувале тоа што било оставено од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, кога тој бил директор на ЕЛЕМ, или се под истрага, или се водат судски процеси против нив, а поранешен директор и висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство.
„Ако е невин, ако е чесен ќе дојде тука и ќе се соочи со органите и ќе даде исказ и ќе каже зошто е така. Дали можеби кога зборувате за енергетските капацитети мислите и на компании што во минатото добивале екслузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови, коишто ги возеа со полномошно на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборувате за уништување на енергетскиот систем, или пак мислите на тоа кога се купуваа хемикалии и останати средства, кои не се потребни за се делат провизии на високи поранешни фунционери на СДСМ во Вардарскиот регион, во Пелагонскиот регион и.т.н. Дали на тоа зборувате и на тоа мислите кога зборувате за уништување на енергетскиот систем“, рече Мицкоски.
Ќе ве потсетам, додаде, август месец 2017 година – нула долгови, 25 милиони евра депозити и некаде околу 380 милиони денари на сметка на тогашната АД ЕЛЕМ и нула долгови, исплатени плати. Август 2024 – 7 проценти состојба на акумулации на електрична енергија, нула откривка на јаглен во РЕК Битола, на депонијата околу околу 20 – 30 илјади тони, неремонтирани блокови во РЕК Битола, неремонтиран Осломеј, една катаклизмична состојба и долгови од повеќе од 150 милиони евра.
„Јас не знам како се оперира глава, срце и.т.н., но знам кого да прашам, друг пат кога ќе ви ги постават овие прашања и пак ќе ве носат во длабоко, бидејќи не е ова ваша тема – барем прашајте некој кој што ги разбира овие работи, затоа што тоа што вие го оставивте како Влада во енергетскиот сектор катаклизма е комплимент. Но затоа оставивте зад себе десетици, стотици милионери, политички профитери и лешинари, кои се талог на општеството“, потенцира Мицкоски.
Тој се осврна и на антикорупциската платформа на СДСМ, при што напомена дека со тоа тие само дополнително им покажуваат на граѓаните зошто седум пати по ред континуирано губат избори и зошто сега на 11-ти повторно ќе изгубат.
„И јас ви велам – и на следните парламентарни избори ќе ви се случи дебакл и повторно ќе изгубите ако вака продолжите“, нагласи Мицкоски.






