петок, 19 декември 2025

Мицкоски: Целта ни е да станеме центар на дигитални иновации во регионот

Денес живееме во време кога дигиталните решенија не се прашање на избор, туку на опстанок и на напредок. Западен Балкан не смее да биде заостанат агол на Европа. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење, а овој Самит е токму симбол на тоа, регионот покажува дека знае да работи заедно, дека може да создава заеднички дигитален пазар и дека може да биде дел од Европската дигитална декада, рече меѓу другото премиерот Христијан Мицкоски на вториот ден од Дигиталниот самит за Западен Балкан што се одржува во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Денес зборуваме за една тема што не е само технолошка промена, туку суштинска револуција која ја обликува иднината на сите нас – дигитализацијата. „Светот се менува со технологијата побрзо отколку што се менуваме ние самите,“ рече еден современ мислител. Затоа нашата задача е не да го следиме тој напредок, туку да бидеме негови лидери, рече Мицкоски.

„Долго време нашето општество беше заробено во бирократија – редици пред шалтери, печати и документи кои патуваат од канцеларија во канцеларија. Сите ние сме сведоци како луѓето губат часови, па дури и денови, за услуги кои треба да траат во суштина само неколку минути. Тоа мора да биде минато. Дигитализацијата е нашиот начин да ја победиме таа инертност и да ја претвориме земјата во вистински сервис на граѓаните. Со дигитализацијата ја рушиме нееднаквоста меѓу оние кои имаат пристап и оние кои се оставени на маргините. Кога секој граѓанин ќе може со еден клик да добие документ, тоа е вистинска демократија. Кога секој земјоделец може брзо да добие субвенција, тоа е правда. Кога секоја компанија може дигитално да аплицира за проект, тоа е развој“, рече Мицкоски.

Цитирајќи го основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб дека информацијата е новата нафта на 21 век, Мицкоски додаде дека додека нафтата ги создаваше монополите, информацијата може да создаде еднаквост доколку се користи правилно.

„Дигитализацијата е економска моќ. Таа отвора пазари, носи нови инвестиции и ја зголемува конкурентноста. Со дигитализацијата нашите мали компании добиваат можност да излезат на глобалната сцена. „Во иднината ќе има само два вида на компании – дигитални и оние што повеќе не постојат,“ предупреди еден визионер од Силиконската долина.  Затоа нашата цел е јасна: да станеме центар на дигитални иновации во регионот, земја што ќе привлекува инвеститори и ќе задржува таленти. Но, да не заборавиме – дигитализацијата не е за машините, таа е за луѓето. Таа е за мајката која сака побрзо да го запише своето дете во градинка, за пензионерот кој сака лесно да ја добие својата пензија, за студентот кој сака пристап до знаење и книги онлајн, за секој граѓанин кој сака да ја чувствува државата како пријател, а не како противник. Нашата цел е технологијата да му служи на човекот, а не обратно“, рече Мицкоски.

Според премиерот Мицкоски, визијата на Македонија е да биде држава која ќе биде целосно дигитална, транспарентна и ефикасна.

„До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има свој дигитален идентитет и пристап до сите институции преку мобилен телефон. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини – ученици кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа. Ќе градиме систем на сајбер-безбедност што ќе гарантира доверба во дигиталното општество. Со гордост ја претставивме апликацијата М-услуги. Таа е симбол на новата ера, сите документи во еден дигитален паричник, безбедна размена на податоци, потсетник за рокови и обврски, целосна транспарентност и доверба. Ова е почеток на една дигитална револуција што ќе ја промени државата од корен. Дигитализацијата е нашиот мост кон Европа. Таа е нашиот штит против корупцијата. Таа е нашата шанса да изградиме поефикасна држава и поправедно општество. Иднината им припаѓа на оние што се подготвуваат за неа денес. Да бидеме тие што ќе ја изградат иднината. Да бидеме генерацијата што ќе го претвори регионот во дигитален двигател. Со дигитализацијата стануваме земја којашто ќе биде конкурентна со останатите земји во Европа и со регионот, којшто заедно ќе чекориме напред“, порача Мицкоски од Дигиталниот самит за Западен Балкан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ