Премиерот Мицкоски истакна дека без оглед на разликите кои ги има со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, потребно е единство и обединување за важните прашања за Македонија.
„Јас ценев дека со една ваква средба ќе испратиме порака, дека ние политичарите ја научивме лекцијата и дека кон граѓаните треба да рефлектираме порака на обединување, на единство, посебно околу клучните прашања, стожерните прашања и низ поинаква оптика да ги гледаме работите кога станува збор за таков тип на прашања. А воедно во услови на траор, во услови на специфична емотивна состојба на населението да испратиме порака дека политичарите не се оние коишто со ниски страсти на дневна основа комуницираат, со политиканство гледаат да спечалат некаков политички поен. Туку може да се покаже ширина и да се рефлектира таа ширина кон јавноста“, дециден е Мицкоски и додаде јавноста нека суди дали погрешил или направил добар чекор што остварил лидерска средба со претседателот на СДСМ, Филипче.
„Јавноста нека суди дали сум погрешил или сум направил добар чекор, но во овој момент тоа во Македонија е потребно“ – кажа Мицкоски.
Говорејќи за трагедијата во Кочани, премиерот Мицкоски истакна дека и тој, како сите останати е гневен за сите пропусти на системот изминативе години, но посочи дека има една група на „глодари“ кои се обиделе да ја злоупотребат несреќата за политички да профитираат и им порача дека ќе бидат поразени.
Мицкоски посочи дека логично е да има такви кои ќе се обидуваат да дестабилизираат силна влада . Според него, има две методологии за спроведување на таквите намери: едната е со силна и жестока масовна акција од почеток до крај да се канализира таа енергија за да се урне владата, и втората е вака, во одредени бранови да се нанесува штета преку лажни пораки, преку конструкции, измислици.
„За првата метода нема енергија и тоа им е јасно на тие кои се сценаристи за сето ова. За вториот – да се обидуваат на бранови да нанесуваат штета, овие структури се обидуваат тоа да го прават. Тие се свесни дека сега во бран не можат ништо да направат, но на ваков начин се обидуваат да го намалат кредибилитетот на владата и владините политики“, вели Мицкоски, појаснувајќи зашто одредена група нарекол „глодари“.
„Тие сега го користат гневот на народот, со кој јас кажав дека сочувствувам. И јас сум гневен како и вие, како и многумина поради сите оние системски слабости кои се случувале децении назад и тука нема дилема. И како што беа 99% од луѓето кои излегоа прво да изразат сочувство, а второ и на еден емотивен начин да го покажат својот гнев и револт за сè што се случувало децении наназад. Сега има мала група ‘глодари’ кои се обидоа од тоа да направат политички поени и да привлечат внимание кон себе“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот цени дека тоа не успеа тоа затоа што не е природно, доколку е природно и произлегува од структурата тоа ќе успее.
„Но, ова не е природно. Нивната насока е малку по малку – сега ова, утре ќе чекаат друга несреќа и трагедија да се појават тие ‘глодари’ и повторно да се обидат на некаков револт и протест да печалат поени. Тоа е реалноста во политиката и ние како влада треба да направиме сè што е во наша моќ да испорачуваме. Тие се неутрализираат само со испорака. Кога вие работите, кога сте присутни само така ќе можете да ги уништите трајно“, изјави премиерот Мицкоски.