„Осомничениот на 16. овој месец во раните утрински часови, преку телефонската линија за итни случаи 192, со умисла упатил сериозна закана за подметната бомба во воздухоплов на Меѓународен аеродром – Скопје, на летот Скопје – Анталија. Веднаш по приемот на заканата, од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, активирани биле протоколите за антитерористичка проверка и по неколкучасовна проверка, утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Осомничениот со својата постапка создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај“, потенцираат од Обвинителството.
По предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.






