понеделник, 23 март 2026

МЕРМС: Владата спречи ценовен шок

Со одлукaта на Владата и постапувањето на надлежните институции се потврди клучната цел, спречено е поскапување на горивата и постигната е нивна стабилизација, соопшти денеска Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството велат дека со најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика за цените на нафтените деривати, која ќе важи од полноќ до следниот вторник, се потврдува дека навремената и прецизна интервенција на државата го прекинала трендот на раст на цените, кој во спротивно ќе значело значително поскапување за граѓаните и стопанството.

„Едноставно, спречивме поскапување, ја стабилизиравме цената и ги заштитивме граѓаните. Во услови на силен раст на цените на светските пазари во изминатиот период, Владата донесе клучна мерка – намалување на ДДВ за горивата од 18 отсто на 10 отсто. Оваа мерка, која ќе важи во наредните две недели со можност за продолжување, обезбеди директно намалување на цената за шест до седум денари од литар, како и спречување дополнителен ценовен удар“, наведуваат од Министерството.

Според анализите, додаваат од таму, без интервенција, цената на бензините ќе се зголемеше за речиси 6,5 денари од литар, а дизелот за над 10 денари, што ќе предизвикаше сериозен притисок врз транспортот, услугите и цените на основните производи.

„Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања, од горивата до храната и услугите“, нагласила министерката за енергетсика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

Министерството нагласува дека изборот на мерката – намалување на ДДВ-то – е направен врз основа на нејзиниот директен и брз ефект врз крајната цена за разлика од други инструменти, кои бараат подолги процедури и имаат ограничен ефект.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, надоврзувајќи се на мерката од 13 март, со која компанијата „Окта“ овозможи попуст од два денари за литар дизел и за бензините за трговците, информира дека е во континуирана и интензивна комуникација со компанијата за можностите за дополнително зголемување на овој попуст.

„Имајќи предвид дека иницијалната мерка веќе создаде простор дел од олеснувањето да се пренесе кон крајните потрошувачи и придонесе за ублажување на ценовниот притисок, во тек се разговори за нов пакет-услови со кои би се постигнал уште посилен ефект врз стабилизацијата на цените на горивата, особено кај дизелот“, се вели во соопштението.

Од Министерството додаваат дека во таа насока се очекува дополнителен придонес и од малопродажните трговци со цел попустите во целост да се рефлектираат во цените за граѓаните. Паралелно, активно се работи и со сите економски оператори на пазарот, при што се очекува одговорно однесување и конкретни чекори за дополнително ублажување на ценовниот притисок.

„Во време на криза одговорноста е заедничка, и на државата и на компаниите“, потенцирала Божиновска.

Министерката истакнала дека државата успешно се справува со предизвиците од глобалната енергетска криза предизвикана од воените случувања во Заливот, при што снабдувањето со горива се одвива непречено и без прекини. Таа нагласила дека е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот, а сите надлежни институции се координираат редовно со цел навремена и ефикасна реакција на секоја новонастаната ситуација.

„Државните резерви се стабилни, пазарната инспекција врши засилени и редовни контроли, а според информациите, сите економски оператори располагаат со законски задолжителните петдневни резерви. Дополнително, непречено функционира и продуктоводот Скопје – Солун (ВАРДАКС), кој значително ја зајакнува сигурноста на снабдувањето и овозможува континуиран и стабилен дотур на горива на домашниот пазар“, се вели во соопштението.

Министерството за енергетика, се додава во соопштението, континуирано ја следи состојбата на домашниот и на меѓународниот пазар и е подготвено да реагира навремено со дополнителни мерки, меѓу кои дополнително намалување на ДДВ-то, доколку е потребно, интервенции во трговските маржи, користење на државните резерви и други фискални и регулаторни инструменти во согласност со развојот на состојбата.

„Во овој момент Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, што дополнително ги потврдува ефикасноста на преземените мерки и стабилноста на енергетскиот систем. Министерството уверува дека приоритет остануваат заштитата на животниот стандард на граѓаните и стабилноста на економијата“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ