недела, 4 мај 2025

МЕРМС: Состојбата со електричната енергија e под постојан надзор

Ресорската група за енергетика, при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), информира дека денеска на состанок биле разгледани моменталните состојби со снабдувањето со електрична енергија и тековните активности на главните актери во системот, при што е заклучено дека мрежата успешно го амортизирала зголемениот притисок (за време на празниците), без поголеми нарушувања, а сите капацитети остануваат мобилизирани и за претстојниот период.

Објавено на

часот

Сподели

Групата, како што информираат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), ја сочинуваат сите релевантни институции и компании – ЕСМ, МЕМО, МЕПСО, Регулаторната комисија и други партнери од секторот, и е формирана по иницијатива на министерката Сања Божиновска и има задача да обезбедува постојана координација и брза реакција при какви било ризици во снабдувањето.

Главна тема на состанокот била анализата на потрошувачката за време на претходните празници и подготвеноста на системот за следниот викенд за време на првомајските празници.

Од страна на ЕСМ, како што информираат од МЕРМС, било посочено дека водостојот, кој на крајот на минатата година беше на критични 11 отсто, сега е стабилизиран над 30 отсто, благодарение на внимателното и штедливо управување со ресурсите. Се работи, како што истакнаа од компанијата, со „домаќински и одговорен пристап“ кој веќе дава резултати.

Се разговарало и за напредокот на тековните енергетски проекти, фазите во кои се наоѓаат и предизвиците со кои се соочуваат.

„Дел од нив се одвиваат според динамиката, додека за некои се иницирани интерни постапки за надминување на забавувањата. Во фокусот беа и идните планови за инвестиции со кои би се зголемила сигурноста и отпорноста на електроенергетската мрежа“, информираат од МЕРМС.

Според министерката Божиновска, ваквата редовна координација е суштинска.

„Секоја проценка, секоја анализа и секој чекор што го правиме има една цел – стабилно и безбедно снабдување за граѓаните и стопанството. Континуираниот дијалог меѓу институциите е гаранција дека навреме ќе ги адресираме сите можни ризици“, изјави Божиновска.

Ресорската група, се вели во соопштението од МЕРМС, ќе продолжи со редовни состаноци и известувања до јавноста, со акцент на транспарентност и професионален пристап во управувањето со националниот енергетски систем.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ