Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги информира граѓаните дека сè уште има можност да се аплицира, рокот е до 5 октомври 2025 година. Граѓаните кои припаѓаат на ранливите категории и кои ги исполнуваат условите, можат да поднесат апликации до овој датум.
Апликациите може да се поднесат преку архивата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини или онлајн преку официјалната веб-страница: www.energy.gov.mk.
Министерството ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и да аплицираат до истекот на рокот.
Можат да аплицираат домаќинства со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не го надминувал: 25.000 денари за едночлено домаќинство, 31.000 денари за домаќинство со два члена, 37.000 денари за домаќинство со три члена, 43. 000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена. Можат да аплицираат и домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не надминал 15.700 денари за едночлено домаќинство, 19.800 денари за домаќинство со два члена и 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена. Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
Правото на инвертер клима-уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите пет години користеле субвенција за набавка на клима-уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење.
„За оваа мерка се издвоени 170 милиони денари. Средствата ќе бидат искористени за набавка и вградување на инвертер клима-уреди со моќност од 3,5 kW и енергетска класа А+, кои ќе се инсталираат директно во домовите на корисниците. Со оваа програма, Министерството ја потврдува својата посветеност на подобрување на енергетската ефикасност и намалување на енергетската сиромаштија во земјата“, се наведува во соопштението.






