На констатацијата дека Фондот се соочува со проблеми и недостиг на средства тој рече дека без разлика на проблемите пензии ќе има.
„Граѓаните да бидат сигурни дека пензискиот систем никојпат не може да колабира во една држава, затоа што исплатата на пензиите ја гарантира државата, односно владата. Тоа е и содржано во Законот за ПИО, каде што е пропишано дека сите недостатоци во врска со недостаток на средства во однос на прибрани придонеси за пензиско и инвалидско осигурување ќе ги покрие владата од државниот буџет. Граѓаните треба да бидат стабилни, смирени и сигурни дека пензии ќе се исплаќаат во една држава, односно во Република Македонија сѐ додека постои државата“, нагласи Мемов.
Тој одговори и на прашањето за тоа кој е соодносот на бројот на вработени и пензионери што е од клучно значење за прибирање на доволно средства за да може да функционира системот, при што рече дека сега соодносот е 1,64 вработени на еден пензионер. Тој додаде дека соодносот, на пример, во 2016 изнесувал 1,86, а од 2019 година континуирано се намалува.
Запрашан за тоа колку средства одвојува државата за трансфери кон Фондот, Мемов рече дека во 2024, 2025 и за оваа 2026 трансферите се зголемуваат, имајќи го во предвид скалестото зголемување, односно усогласувањето на пензиите.
-Граѓаните знаат дека за една и пол година, односно од септември 2024 до први април 2026 година пензиите се зголемени за 7000 денари секој месец, номинално во вкупниот износ е повеќе за 36 проценти. Просечната пензија за година и пол е покачена за скоро 40 проценти, а минималната пензија е покачена за 68 проценти, од 13 илјади и 200 денари на 20 илјади 888 денари – објасни тој и додаде дека од септември повторно ќе се применува швајцарскиот модел на усогласување на пензиите.
Во однос на износот на трансферите Мемов рече дека за 2026 година тие се планирани на 62,8 милијарди денари, што е приближно една милијарда евра. Како што објасни, од нив околу 30 милијарди денари всушност се користат за исплата на покачените пензии во износ од седум илјади денари, околу 13,7 милијарди денари за здравствено осигурување и 19,6 милијарди денари за транзициски трошоци кон пензиските друштва од вториот столб.
Запрашан зошто Фондот го плаќа здравственото осигурување на пензионерите Мемов одговори:
„Значи кога осигурениците, односно сите вработени, плаќаат придонеси за пензиско и инвалидско осигурување кои се на висина од 18,8 постео, тие остваруваат право на социјална заптита, односно право на пензија. Преку месечното плаќање на здравствено осигурување граѓаните добиваат осигуруваат и здравствена заштита за тој месец. Законот не предвидува дека со плаќање на придонеси на здравствено осигурување граѓаните ќе се стекнат со право на здравствено осигурување кога ќе се пензионираат. Така е дефинирано во законите. Е сега ние можеме да дискутираме за овие прашања. Може да се отворат во рамки на Министерството за здравство, Министерството за социјална политика, демографија и млади и да се дискутирааат овие состојби. Зошто од придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се исплаќа здравствено осигурување на пензионерите? Имајќи предвид дека Фондот на ПИО не е работодавач на пензионерите“.
Во однос на можните реформи и каков модел и е потребен на Македонија директорот Мемов рече дека не постои унифициран пензиски модел кој може да се преслика и дека секоја држава си има свој. Тој нагласи дека нема држава во ЕУ која нема дефицит и сите имаат потреба за трансфери, освен скандинавските земји, но и тие не се класични пензискки фондови, туку инвестициски фондови.
Мемов нагласи дека последната Мисија на ММФ предупредила дека треба да почне да се размислува за реформа на пензискиот систем. Тој појасни дека актуарското одделение во Фондот прави сериозни анализи и подготвуваат мерки кои би ги предложиле до Министерството за социјална политика демографија и млади и до Владата, но сѐ уште не се докрај дефинирани. Според него најважно е законодавецот да ги стимулира работодавачите да плаќаат придонеси.






