Изразувајки благодарност до гласачите, истакна дека нивниот глас им е најголема поддршка и мотив да продолжат понатаму.
„Овие избори ја потврдија стабилизацијата на нашето гласачко тело во однос на минатите парламентарни избори и покажаа дека владините политики кои ги водиме се во вистинска насока. Јасно е дека граѓаните го препознаваат нашето чесно и одговорно делување. Нашиот концепт на чесна, директна и народна политика наидува на сè поголема поддршка низ целата држава – и тоа е клучната порака од овие локални избори. Истакнуваме дека за прв пат освоивме советнички места во повеќе од 50 општини низ Македонија, како и во Градот Скопје. Тоа е доказ дека ЗНАМ станува релевантна политичка сила која носи вистински промени и влијание на локално ниво“, вели Мемов.
Како главен успех на ЗНАМ, портпаролот го нагласи убедливото водство во Куманово, за избор на градоначалник во првиот круг.
„Во Куманово имаме убедливото водство во првиот круг, каде што нашиот кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски оствари предност од над 11.000 гласа. Кандидатот на СДСМ не успеа ниту да се пласира во вториот круг, што јасно ја покажува реалната поддршка на граѓаните за ЗНАМ и разликата меѓу политиките и празните ветувања на СДСМ. Едновремено, се гледа агонијата на СДСМ и на државно ниво, со освоени само околу 120.000 гласови, што е јасен сигнал дека граѓаните ја изгубија довербата во нивните политики. Во општина Центар влегуваме во вториот круг, ја продолжуваме борбата за промена и крај на владеењето на старите политички структури. Убедени сме дека Мирослав Лабудовиќ ќе победи во Центар, носејќи обнова, транспарентност и правда“, потенцира Мемов.
Според него, овие избори покажаа дека значителен број гласови добија и независните кандидати, што е позитивен сигнал за демократијата и поголемо учество на граѓанските иницијативи во локалните самоуправи.
„ЗНАМ продолжува понатаму – обединети, со нова енергија, јасна визија и конкретни решенија за промени“, порача Мемов.






