петок, 5 декември 2025

Мемов: Исплатата на пензиите воопшто не е загрозена

Пензионерите треба да бидат спокојни, во буџетот се обезбедени средства за исплата на пензиите, изјави директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов за ТВ Сител.

Објавено на

часот

Сподели

„Буџетот на Фондот за следната 2026 година е проектиран на 151 милијарда денари. Од нив 117 милијарди денари се предвидени за исплата на пензиите, вклучително здравствено осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб. Нема апсолутно никаква потреба од каква било вознемиреност дека има недостаток на средства за исплата на пензиите. Апсолутно не можам да ја разберам потребата од промоција на апокалиптични сценарија од страна на СДСМ дека ќе се растури пензискиот систем или нема да има средства за исплата на пензиите. Веројатно, во очајнички обид СДСМ бараат политички мотив за враќање на политичката сцена и посегаат по вакви сензитивни теми каде што главен субјект се пензионерите, како една од најсензитивните категории на граѓани во државата. И тука демантот стигна практично за еден ден. На собраниската говорница беше искажан сомнеж во исплатата на пензиите. Потоа прес конференција имаше претседателот на СДСМ, каде што го повтори тоа апокалиптичното сценарио. Едно е јасно, додека постои државата ќе постои и исплата на пензиите и тоа го гарантира државата, односно владата. Тоа е пропишано во членот 241 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 2005 година, во кој се вели: ‘Недостигот на средствата во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, настанат поради воведувањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, ќе се обезбеди од Буџетот на Република Македонија’. Проектиран е тој недостиг, затоа што една третина од средствата од придонеси се уплаќаат во вториот столб. Тоа е инвестиција што ја прави владата во овие изминати 20 години. Да потсетиме дека над 650 илјади осигуреници во земјата имаат на своите лични сметки во трите пензиски друштва повеќе од три милијарди евра кои се оплодуваат секојдневно. Тоа оплодување, инвестирање го контролира владата преку агенцијата МАПАС“.

Прашан дали државата има стратегија како на долг рок да ја одржи кондицијата на Фондот и што треба да се направи Мемов рече:

„Зголемувањето на пензиите и пензискиот систем е врвен приоритет на владата, што се гледа преку буџетот. Повеќе од половината од приходите во буџетот се предвидени за Фондот, 151 милијарда денари. Издвојувањета во висина од 62 милијарди денари, како трнасфери кон ПИОМ, заради исплата на пензиите, заради исплата на здравственото осигурување и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб практично го обезбедува функционирањето на пензискиот систем. Зголемувањето на пензиите за овие 14 месеци, од септември 2024 до ноември 2025 година, номиналното зголемување од 6.000 денари значи зголемување од 29,6 проценти. Досега, во изминатите дваесет и повеќе години немаме такво зголемување на пензиите за ваков краток период. Одржливоста на пензискиот систем не може да се гледа како изолиран систем. Државата почива на пет основни столбови. Тоа е политички систем, економски систем, безбедносен систем, здравствен систем и пензиски систем. Здравствениот систем ги опфаќа сите граѓани во државата, а пензискиот систем опфаќа две третини од граѓаните во државата и половина од буџетот што се троши во државата. Не може да имате стабилизација на еден од овие столбови без реперкусија на некој од претходните. Како илустрација, не можете да ја зголемите стапката за придонес за пензиско и инвалидско осигурување без консултација и координација со економскиот систем, т.е. реалниот бизнис сектор и стопанските комори“.

На прашањето кое е неговото мислење во однос на подигањето на старосната граница за одење во пензија, за што постојано се зборува, директорот на Фондот, Мемов одговори:

„Јас многу пати сум го кажал тоа, меѓутоа тоа е став и на Владата. Просечното користење на пензиите во Република Македонија е 11 години. Некаде до 75 години на старост е просекот на користењето на пензиите. Ако се качи тој просек на 67 години, користењето на пензијата ќе дојде помеѓу пет и седум години и се јавува апсурдноста на постоењето на пензискиот систем. Затоа и ставот на владата беше дека овој предлог што континуирано доаѓа од Светска банка, од ММФ за зголемување на старосната граница, за зголемување на стапката на придонес да не се прифатат од владата и тие не се дел од Фискалната стратегија за 2025-2029 година“.

Запрашан дали има злоупотреби во користењето на пензиите и остварувањето на правата и дали правеле анализа за тоа, Мемов рече дека Фондот на ПИОМ 20 години беше оставен на забот на времето од страна на СДСМ и ДУИ. „Не од аспект на исплатата на пензии, што никојпат не било доведено во прашање, затоа што неа ја контролира Министерството за финансии, односно владата. Другата функционалност што е основна на Фондот, а тоа е остварувањето на правата од пензиско и инвалидско осигурување, издавањето решенија за старосни пензии, за инвалидски пензии, за скратено работно време, земјоделски пензии, воени и други права, беше доведена во ситуација за која можам одговорно да кажам дека ако таа состојба на отсутност на каква било одговорност за функционирањето на Фондот, продолжеше уште некоја година, Фондот ќе се доведеше до колапс. Ни требаа вонредни напори во изминатите четири квартали за да ја стабилизираме кадровската структура во Фондот. Беа доведени во прашање минимум остварувањето на функции во филијалите низ Македонија“.

Запрашан за деталите околу таа состојба Мемов потенцира: „Конкретно беше направен дисбаланс во структурата на вработените. Во филијалите во Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и така натаму, беа пополнети со повеќе од 95 проценти од работните места според систематизацијат, а во филијалите во Битола, во Прилеп, во Гевгелија, во Струмица, Кавадарци, само со пет вработени. И таму беше доведено во прашање фунцкионирањето“.

Во однос на тоа дали има злоупотреба на пензии за починати лица и разни други малверзации, директорот на Фондот, Мемов рече:

„За тоа има отворено постапки во финансова полиција и јас очекувам во следниот период органите на прогонот да си ја завршат својата работа и да излезат со детали во јавноста. А ако ме прашувате во делот на злоупотреби кај инвалидските пензии, тука од септември месец минатата година ги зајакнавме капацитетите на комисиите, ангажиравме дополнителни пет доктори специјалисти и сега се решаваат предметите тековно и нема чекање со месеци и можноста за корупција е апсолутно исклучена. Докторите си ја работат својата работа. Тука злоупотребите во минатото беа од докторите специјалисти од клинички центар и другите приватни болници кои ја обезбедуваа потребната документација“.

За иницијативата пред Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување, Мемов вели дека тоа покачување е правилно и праведно. „Сите дилеми и сите разлики од тоа кој колку уплаќал придонеси во Фондот за пензиско завршуваат во моментот со денот на издавањето на решението за пензија. Ако вие сте плаќале повеќе придонеси имате повисока пензија, јас сум плаќал помалку придонеси имам помала пензија. Во јавноста, исто така, некои политичари го третираат Фондот како акционерско друштво. Апсолутно не е така. Пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен. И не може да се очекува дека кој било од нас има некакви акции во Фондот согласно придонесите што ги уплаќал во текот на работниот стаж и дека после некое време, кога ќе дојде време за усогласување или зголемување на пензиите, да му следува процентуално дивиденда или профит од тие негови уплати. Не, социјално-солидарниот концепт значи дека со денот на донесување на решението ви се определува висината на пензијата. И тука завршуваат разликите во висината на пензиите согласно уплатените придонеси. Овие усогласувања, зголемувања што ги прави владата ги плаќаат сите осигуреници, односно сите даночни обврзници во Македонија и се за ублажување на зголемените животни трошоци и растот на платите во Македонија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ