Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, истакна дека со потпишувањето на меморандумот очекуваат да имаат подинамична соработка бидејќи, како што рече, двете институции ќе имаат бенефит од овој протокол.
„Откако сум претседател на Уставниот суд, ова е трет меморандум за соработка што го потпишуваме со државни институции. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правниците, а сега со Академијата за судии и јавни обвинители. Јас сум познат по тоа што не сакам ‘мртви зборови на хартија’, односно кога веќе ќе ставам потпис на меморандум, сакам тоа да биде жива материја и да има вистински бенефит. Со Правниот факултет веќе имаме три-четири заеднички конференции и проекти. Со Здружението на правниците веќе наредниот месец тоа ќе биде видливо на нивната конференција во Охрид, на годишниот собир. А со Академијата очекувам најдинамична соработка. Зошто? Затоа што двете институции ќе имаат бенефит од овој протокол“, рече претседателот на Уставниот суд.
Костадиновски потенцира дека новата стручна служба на Уставниот суд има потреба од дополнителни знаења и обуки за да го достигне квалитетот што судот го имал пред две години.
„Уставниот суд изминативе две години се соочи по природен одлив со промена на генерациите во стручната служба, која е ‘рбетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења и обуки за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше пред две години. И тоа не е недостижно. Токму во таа насока ја гледаме користа од можноста нашите советници да посетуваат обуки што ќе бидат организирани од Академијата, но и кандидатите за судии и јавни обвинители може да имаат огромен бенефит – од знаењето, искуството што уставните судии може да им го пренесат, особено кога станува збор за таканаречената примена на меѓународните стандарди на општо прифатените норми на меѓународното право во заштита на човековите права и слободи“, рече Костадиновски.
Нагласи дека нивните постапки во секој предмет тие многу често ги бараат, ги наоѓаат, ги толкуваат и ги применуваат меѓународните стандарди по разни прашања.
„Во нашите постапки, дали се за заштита на човековите права или апстрактно уставно-судска контрола, ние многу често, речиси без исклучок во секој предмет, ги бараме, ги наоѓаме и ги толкуваме и ги применуваме меѓународните стандарди по разни прашања. Кога тие стандарди би биле пренесени на идните кандидати за судии и јавни обвинители, ние како држава ќе си го олесниме патот од воведувањето на уставната тужба, кога и да се случи, да имаме спремни судии и јавни обвинители да знаат како да се применува Европската конвенција за човекови права. Бенефитот од овој меморандум ќе биде заемен. И особено ми е драго што со мојата колешка Ирена имаме амбициозен план и веќе на 12 март е договорено првото учество на судии и на советници од судот на едно значајно советување што ќе се одржи во Академијата, на исклучителна тема, на која, меѓу другото, ние имаме поведено постапка – Законот за извршувањето“, истакна Костадиновски.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Ирина Трајковска-Стрезоски, истакна дека денешното потпишување на меморандумот претставува значаен чекор за институционално поврзување помеѓу двете институции во функција на владеењето на правото.
„Поврзаноста подразбира партнерство, размена на пракса и искуства, можност советниците на Уставниот суд да посетуваат обуки, а уставните судии да држат предавања во Академијата. За Академијата, тоа ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки со примена на највисоките уставни стандарди. Уставниот суд е врвот на владеењето на правото, а Академијата за судии и јавни обвинители е основата – местото каде што се обучуваат идните судии и јавни обвинители, со примена на највисоките судски стандарди, особено со сите судски инстанции за примена и заштита на човековите слободи и права. Верувам дека со заедничките обуки ќе придонесеме за посилна уставна култура, правосудство и заштита на темелните вредности на Уставот“, рече Трајковска-Стрезоски.






