недела, 14 декември 2025

Меморандум за партнерство на МЈА со Франција за обука на македонската јавна администрација

Државните службеници треба да бидат своевидни менаџери, добро да раководат со своите тимови, да ги спроведуваат владините одлуки и да бидат пример со своето одговорно и совесно однесување, рече денеска францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер по потпишувањето на Меморандумот за соработка со Министерството за јавна администрација (МЈА).

Објавено на

часот

Сподели

Според министерот Горан Минчев, меморандумот е чекор напред во спроведувањето на реформите во јавната администрација, нејзината професионалност, транспарентност и ефикасност.

„Партнерството со Франција ја потврдува одлучноста на Македонија да изгради модерна, професионална и доверлива администрација која ќе биде двигател на развојот, сигурен партнер на граѓаните и столб на нашите европски амбиции“, истакна Минчев по потпишувањето, потсетувајќи дека министерството со француска поддршка ќе го спроведува проектот за јакнење на капацитетите и професионализацијата на администрацијата.

Проектот, напомена, ќе овозможи воспоставување академија за обука и стручно усовршување на административните службеници.

Франција, како што нагласи амбасадорот, има големо искуство во областа на јавната администрација, особено од аспект на нејзина обука.

„Оваа соработка не сака воопшто да наметне свој систем или модел, туку токму спротивното – сакаме да го споделиме нашето целокупно искуство и да објасниме за грешките кои сме ги направиле“, подвлече Ле Риголер, додавајќи дека и Франција во моментов се наоѓа во продлабочена трансформација на јавната администрација.

Ле Риголер порача и дека трансформацијата на јавната администрација е значајна за трансформирање на општеството и негова европска интерграција.

„Освен важноста за европската интеграција, трансформацијата на јавната администрација е битна и за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, а ефикасна администрација значи ефикасни институции во служба на граѓаните“, потенцира амбасадорот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ