„Во моментов немаме точно утврдени имиња, бидејќи од страна на Вреди се ангажирани сериозни агенции за испитување на јавноста, каде што се обработуваат и темите, и програмите, но и кандидатите на Вреди за наредните локални избори. Анкетите ќе бидат едни од клучните фактори за ориентација за кандидатурите“, изјави Меџити, по отворањето на Македонскиот енергетски форум – MEF25 денеска во Скопје.
Тој посочи дека „албанскиот кампус“ на локалните избори ќе се натпреварува како две политички опции.
„Веќе е искристализирано, во албанскиот кампус има два блока – Вреди и ДУИ, така што ние на локалните избори ќе се натпреваруваме како две политички опции“, нагласи тој.
Додаде дека Арбен Таравари е веќе дел од ДУИ и неговото политичко позиционирање е јасно.
„Во однос на Таравари, тој е веќе дел од ДУИ, дел од тој блок, и може да увидите дека ако претходно беа посебните листи за советници, за да испадне од Вреди, веќе ги заборавил тие листи, туку секојдневно соработува со ДУИ и се спремаат заедно да настапат на избори“, рече Меџити.
Според вицепремиерот, оваа поделба на политички опции во албанскиот кампус е здрава за едно демократско општесто.
„Како и да е, Албанците во Македонија имаат две опции, конкуренција на платформи и програми, и тоа мислам дека е здраво за едно демократско општество“, рече тој.