„Овој проект означува почеток на урбаната трансформација во Чаир, со цел секоја зграда која нема енергетска ефикасност да може да добие субвенции за нова, енергетски ефикасна фасада. Ова не е само естетско прашање, туку прашање на достоинство и квалитет на живот“, истакна Меџити, додавајќи дека придобивките директно ќе се почувствуваат во семејниот буџет преку пониски сметки за енергија и подобри услови за живеење.
Неговиот план вклучува и четири специјални мерки, кои имаат за цел значително зголемување на енергетската ефикасност и поддршка на најранливите категории граѓани.
„Посебен општински фонд за енергетска ефикасност, за директна помош на пензионери, самохрани родители и семејства со ниски приходи, кои покрај фасадата ќе можат да ги заменат и прозорците и покривите. Зелени училишта, преку реновирање на образовните институции со соларни панели, термичка изолација и ефикасно осветлување. Забрана за прекин на електрична енергија за ранливи категории, согласно новиот Закон за енергетика, кој веќе е усвоен. Поддршка за граѓаните во формирање на енергетски заедници, кои ќе можат заеднички да произведуваат и користат електрична енергија од обновливи извори“, рече Меџити.






