– Ова е само почеток. Од над 7.000 ВЛТ апарати со првиот удар ќе се отстранат 4.000. Го забрануваме рекламирањето на коцкањето. Казина повеќе ќе нема низ населени места, градови и села, како што е случај денес. Ги отстрануваме коцкарските клубови и обложувалниците, кои организираат коцкање и сите други форми на коцкарски објекти најмалку 500 метри од училиштата, а ги зголемуваме даноците и давачките за да се отежне постапката за отварање обложувалници, појасни Меџити.
Тој посочи дека досега со една лиценца, компаниите отварале неограничен број објекти, што со законските измени повеќе нема да може да се прави.
– Казино индустријата која подолго време беше претворена во главно бизнис претпријатие во нашата земја сега доживува сериозен удар. Наследивме општество во кое коцкањето беше во подем. Казината и обложувалниците беа отворени на секој агол. Денес на територијата на целата држава функционираат најмалку 1.500 центри за коцкакање, обложувалници и апарати за коцкање, истакна Меџити.
Борбата против индустријата на коцкањето, според него, е тешка и опасна.
„Станува збор за добро организирана структура со криминогена природа, која ги надминува државните граници и не признава бариери, ниту политички, ниту етнички, национални или верски. Мафијата на коцкањето е ракот на нашето општество. Ветува среќа, но носи само несреќа“, посочи првиот вицепремиер.
Првите конкретни резултати од, како што рече, решителната борба против криминалната индустрија на коцкањето и игрите на среќа веќе пристигнале.
„Минатиот месец започна затворање на стотици нелегални онлајн страници за коцкање, кои нудеа услуги во нашата земја. До денес затворивме над 200 онлајн страници за коцкање“, подвлече Меџити.
Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС апелира до Владата да не го предлага новиот драфт на закон за игри на среќа во собраниска постапка.
„Поучени од претходните искуства, сметаме дека предизборната реторика многу штетно ќе влијае на процесот. Повторно ќе започне партиска лицитација со предлози кои ќе имаат за цел промовирање на радикални решенија и конечно затворање на легалните објекти за игри на среќа. Таквиот пристап ќе спречи усвојување на долгорочна спроведлива регулатива. Неопходна е широка општествена дебата и инклузивен процес, наместо нов закон по секоја цена. Веруваме дека нашите предупредување ќе бидат примени со добра волја, без предрасуди и надвор од дневно политичките збиднувања“, апелираат од АПИС.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира на предлог Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој Владата го усвои вчера, и бара истиот веднаш да се стопира и да не се проследува до Собранието. Донесувањето на ваков закон по скратена постапка, без вклучување на засегнатите страни и без јавна расправа, претставува повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада, соопшти АСОМ.
„АСОМ остро се спротивставува на предложената законска измена со која се монополизира приредувањето на интернет игри на среќа и со која исклучиво право за нивно приредување ѝ се доделува на државата. Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на интернет игрите на среќа, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет. Покрај крајно монополистичките тенденции на Владата, оваа одредба е спротивна на наводните заложби дека интернет обложувањето ќе биде целосно спречено. Тоа не се спречува, туку сега ќе си го контролира само Владата и нивните претставници, на сметка на приватниот сектор“, велат од АСОМ.






