„Ова е голема трагедија, а што и да се каже, е премалку. Ова нè обедини сите, не само во земјата како заедница и општество, туку и во целиот регион. Никој не можеше да поверува дека за миг ќе згаснат животите на млади луѓе на возраст од 14 до 24 години. Треба да извлечеме поука од оваа случка, да се преземат мерки и да има одговорност,“ нагласи Меџити.
Тој додаде дека во краток временски период имало неколку слични трагични случаи, па затоа е неопходно темелно да се ревидираат дозволите и лиценците за да се спречат вакви ситуации во иднина.
„Државата донесе одлука сите министерства и градоначалниците да направат ревизија на сите лиценци и дозволи за да се делува превентивно. Јавното обвинителство и судовите ја вршат својата работа и одговорните ќе одговараат пред законот. Ова е порака до сите што имаат одговорност – да работат со поголема внимателност и одговорност во рамките на своите надлежности,“ рече Меџити.
Тој исто така информираше дека Министерството за животна средина и просторно планирање започнало инспекциски постапки и ќе изрече казни за неправилностите, притоа давајќи им на одговорните субјекти рок од 10-15 дена да ги отстранат недостатоците, без да се блокира системот.