недела, 25 мај 2025

Меџити: Не градиме само автопат, градиме доверба

Пред само неколку години, единствените градежни активности што ги гледавме беа гламурозни прес-конференции и камери насочени кон ленти што никогаш не се пресечени со асфалт. Ништо не се градеше.
 Денеска, наместо фотообјективи, околу нас „трешти“ звукот на булдожери, багери и камиони. Ние не снимаме рекламни спотови, градиме иднина. Градиме патишта за нашиот народ. Коридорот 8 е повеќе од пат. Тоа е европска артерија што ги поврзува Јадранот со Црното Море, го поврзува срцето на Балканот. Нашата стратешка одлука е јасна: Македонија јазавршува својата делница и ја носи Европа на Балканот, а Балканот – во Европа, изјави денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

Објавено на

часот

Сподели

Меџити, кој присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 18 километри, порача дека создаваат можности за младите да се вратат дома.

„Со почетокот на овој автопат, го претвораме Полошкиот регион во крстосница на можности и инвестиции, работни места, го скратуваме патот меѓу Скопје, Охрид и Струга и ја приближуваме границата кај Ќафасан кон секој наш дом и секоја бизнис идеја што чека пазар. Создаваме можности да си ги вратиме децата дома“, рече Меџити.

Тој изрази благодарност до амбасадорката на САД Ангела Агелер за континуираната поддршка.

„Вашето присуство денеска е доказ дека стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД не е само на хартија, туку и на чекан, бетон и челик, на работа и на инвестиции. Ви благодариме“, рече Меџити, кој изрази благодарност и до тимот на „Бехтел и Енка“ и до стручните служби на Јавното претпријатие за државни патишта.

Без вашата експертиза, како што рече, оваа визија немаше да стане конструктивен факт.

„Не градиме само автопат – градиме доверба. Во исто време инвестираме во локални улици, канализациски и водоводни мрежи, училишта и амбуланти. Комбинацијата од државни и општински проекти значи дека секоја општина чувствува дека Владата е тука – со реални средства и реални резултати. Оваа година Македонија е едно големо градилиште. Од Кривопаланечко до Ресенско, од Тетовско до Долненско, од Дебарско, до Струмичко, каде и да одите, ќе наидете на сигнализација за градилиште. Тоа не е случајност, тоа е план. Затоа што нашите граѓани заслужуваат инфраструктура што го скратува времето, ја зголемува безбедноста и го подобрува квалитетот на живот“, потенцира Меџити.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање соопшти дека денеска се поставува камен-темелник на проект вреден 90 милиони евра, но, како што рече, вистинската вредност е немерлива.

„Секој спасен живот поради побезбеден пат. Секој нов бизнис што ќе одбере да инвестира тука поради подобрена логистика. Секоја млада личност што ќе остане во регионот затоа што можностите доаѓаат кај неа, а не обратно. Ќе не мерите по завршени километри, не по потрошени зборови. Денешниот темел е симбол на таа политика – политика на дела, а не на празни фрази“, порача Меџити.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ