На средбата што се одржа во Основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Чаир, Меџити истакна дека со години наназад образованието во Чаир било запоставено и надвор од фокусот на претходната власт, а притоа го презентираше најголемиот образовен проект во неговата програма: преод на сите општински основни училишта на настава во една смена, а потоа и целодневна настава според европски стандарди.
„Денес започнуваме историски пресврт со проект кој има за цел да го трансформира Чаир во центар на знаењето и модерното образование. Овој проект е инвестиција во иднината на децата, олеснување на секојдневието на родителите, професионален напредок на наставниците и напредок на општината“, изјави Меџити.
Во своето излагање, тој посочи дека учениците ќе имаат настава во модерни услови, со интерактивни часови, дополнителни спортски и уметнички активности, како и топол и субвенциониран оброк секој ден.
„Родителите ќе имаат сигурност и поддршка, бидејќи нивните деца ќе остануваат во училиштата до 16:00 часот, со организирана и квалитетна грижа. Наставниците ќе добијат обуки за современи наставни методи, дигитални алатки и мотивациски програми за професионален развој и вклучување во меѓународни проекти“, рече Меџити.
За време на својот иден мандат, Меџити најави дека општината ќе добие реновирани училишта, спортски сали и генерации кои се подготвени, здрави и мотивирани да ја градат иднината. Проектот за настава само во една смена, според Меџити, започнува веќе оваа година со ООУ „Конгреси и Манастирит“ како пилот училиште, а потоа ќе се проширува постепено во сите девет основни училишта во Чаир, според јасен план и обезбедени инвестиции.
„Целодневната настава не е луксуз, тоа е минимум стандард кој нашите деца го заслужуваат’, изјави Меџити.






