вторник, 17 март 2026

МЕД во меѓународен проект за борба против криволовот на загрозени диви видови

Македонското еколошко друштво (МЕД) во следните пет години ќе биде дел од меѓународниот партнерски проект „Итни акции за спречување и борба против криволовот на три видови во критична опасност од исчезнување во Италија“ (LIFE24-NAT-IT-FIGHT4WILDLIFE/101216050) преку кој ќе се работи на намалување на заканите со кои сега се соочуваат европската јагула, египетскиот мршојадец и апенинската кафеава мечка.

Објавено на

часот

Сподели

Кофинансиран во рамките на програмата LIFE на Европската Унија, овој партнерски проект вклучува вкупно 13 чинители од Италија, Македонија, Словенија, Хрватска и Кипар, под водство на Командата на шумарското, еколошкото и земјоделско-прехранбеното одделение на Националната жандармерија на Италија.

Како што информираат од МЕД, криволовот е четврта најголема криминална активност во светот и меѓу клучните фактори за намалување на бројноста на популациите.

„Особено го загрозува опстанокот на египетскиот мршојадец, апенинската кафеава мечка и европската јагула која е критично загрозена според глобалната Црвена листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата. Токму затоа, преку овој проект ќе се јакнат националните капацитети за идентификување, спречување и гонење на злодела против дивиот свет преку употреба на иновативни анализи и инструменти, широка обука, активности за надзор и специјализација. Ќе се развиваат најсовремени истражни и разузнавачки техники за брзо идентификување на незаконска трговија со диви животни, а ќе се работи и на подигнување на јавната свест и на поттикнување граѓанско учество во спречувањето и борбата против криволовот на меѓународно ниво“, соопшти МЕД.

По завршувањето на првата фаза во Италија, се посочува во соопштението, проектните активности ќе се реплицираат во останатите земји.

„Како национален координатор за Северна Македонија, Македонското еколошко друштво ќе се фокусира на соработка и натамошно зајакнување на институционалните капацитети, вклучително и на Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина, Факултетот за безбедност и националните паркови. На овој начин ќе се надградат досегашните заложби на МЕД за јакнење на националните капацитети за борба против труење диви животни, коишто вклучуваа и неколку едукативни работилници за јавни обвинители и за инспектори од МВР и ДИЖС, како и донесување Стандардна оперативна процедура за постапување при случаи на труење диви животни во рамки на Законот за инспекциски надзор во животната средина“, посочуваат од МЕД.

Тие нагласуваат дека криволовот на див свет претставува сериозен предизвик во Македонија.

„Покрај поставување отровни мамки и нелегална трговија, постојат и случаи на криволов на строго заштитени видови. Освен поради непријавувањето, ваквите кривични дела остануваат недоволно истражени и несанкционирани и поради ниските институционални капацитети за превенција, непочитувањето на владеењето на правото, слабото спроведување квалитетни предистражни и истражни мерки и неизрекувањето соодветни санкции за евидентираните кривични дела“, велат од МЕД.

Но, додаваат, криволовот на загрозените диви видови предизвикува сè поголема загриженост и во Европа.

„Оттука, покрај МЕД, во проектот учествуваат други непрофитни здруженија за заштита на животната средина и национални институции како што се Универзитетот „Сапиенца“ во Рим, Националниот референтен центар за ветеринарна форензичка медицина од Италија, Националното тело за одгледување на италијански раси кучиња, регионалните шумарски корпуси од повеќе региони во Италија, Управата на Националниот парк Абруцо, Лацио и Молизе, како и Европското биро за животна средина, Шумарската служба на Словенија и полициските служби од Хрватска и Кипар“, прецизираат од МЕД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ